Стар виц е и ретко кој не го знае оној со т’зи дупка не е дупка, слатко се смеевме при секое негово кажување и се мајтапевме со нашите соседи и со нивните тогашни реалност и секојдневие. Царинарница – митница се подбивавме со нив, алудирајќи на корупцијата и на ситните поткупувања што ги бараа полицајците, цариниците и други службеници како „черпење“, честење.
Минаха години, ситуацијата се смени, Бугарите заминаа во Европа, ние не останавме, ние заостанавме зад она што бевме некогаш и почнавме да служиме за потсмев и за покажување со прст, како лош пример.
Митницата за која им се потсмевавме на Бугарите се пресели кај нас и навлезе во секоја пора од нашето живеење, во секој сегмент, во секоја институција на нашата држава. Ситуацијата стана толку драматична што и странските претставници почнаа да нè дефинираат како корумпирана држава на која корупцијата ѝ ги разјадува темелите. Не е самата корупција, како феномен од светски размери, толку опасна колку што се опасни неказнивоста и селективноста во примената на законот и нејзиното санкционирање. Не дека нема корупција во другите држави, секако има, ама ако го откријат и обелоденат корумпираниот функционер, правниот систем без пардон реагира и го санкционира. Кај нас, дури и да се открие и обелодени таков случај , почнува политикантско спинување, релативизирање, мешетарење, затскривање, а правниот систем останува нем, без реакција и без завршница и санкција, потклекнувајќи на политикантскиот притисок, кој оди или директно кон обвинителот или судијата, индиректно преку претседателот на судот или функционер во судството или клиентелистички, преку испорачување на она што се очекува.
Политиканството и корумпираноста неминовно носат партизираност на државата и на сите нејзини институции, доминација на политиката и над економијата и над правото, носење некадарни партиски послушници на челни и битни позиции, промовирање на партиската припадност над квалитетот и знаењето. Сево ова носи неквалитетни, нестручни и некадарни луѓе на државните позиции и функции што најчесто дејствуваат по принципот „т’зи дупка не е дупка“. Во последните децении, сведоци сме на многу такви трагикомични ситуации, кои народот ги коментира, ги исмева, но и кои го загрижуваат поради површноста, ноншалантноста, нестручноста и некадарноста.
Колку пати досега ни се случило претседателот на државата да помилува определени лица, па потоа да се пишмани, по принципот „т’зи дупка не е дупка“, а под притисок на јавноста. Една таква пишман одлука и ден-денес создава проблеми во правниот систем и уште не стивнале критиките и полемиките, а пак ни се случува истото. И повторно нема реакција во смисла на нечија одговорност од Министерството за правда или од Комисијата за помилување, туку повторно се спинува, мудрува, објаснува и дообјаснува нешто што е повеќе од јасно и предвидено во позитивните законски прописи. Смешни се објаснувањата, правдањата и спинувањата, поразителни се површноста, нестручноста и лекоумноста, трагична е состојбата, што сè заедно ја прави целата ситуација трагикомична.
И во нашите внатрешни, меѓунационални односи, политиката „т’зи дупка не е дупка“ зазема централно место, па терористи станаа државни функционери, законот – растеглива категорија која важи до Групчин, мнозинството гласови – релативен и небитен број без Бадентер и балансер.
Ваквото однесување и ваквите состојби во нашата држава им ползуваат на соседите, што воопшто не треба да нè чуди, па почнуваат да бараат да ја примениме политиката „т’зи дупка не е дупка“ и во нашите билатерални односи. Гледајќи го нашето однесување, нашите разнебитеност и општиот распад, користејќи ги недозреаноста и политиканството како начин на управување со државата, го дочекаа својот миг, побараа и добија политиката „т’зи дупка не е дупка“ да се примени и кон нив. Наеднаш окупаторите станаа администратори, историјата стана предмет на пазарење и прекројување, идентитетот – маглива и спорна категорија, името ни стана прекар за маалска употреба, а сите ние станавме кловнови на сопствените глупости и лакрдии.
Т’зи дупка полека, но сигурно стана дупка што нè носи кон многу длабока бездна, чие дно не се гледа.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)