КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Се озборуваме, кодошиме, плукаме…

176

Гледајќи ги случувањата изминативе триесетина години во Македонија, но и на Балканот, она што може човек да го заклучи е дека ние сме мајстори во делење и двоење, неспособни за сплотување и заедништво. Таква е и нашата историја, историја на делби и поделби, историја на двоење и докажување кој е поголем, постар, кој има примат. Ние никогаш не сме се сплотиле, здружиле заради себе, секогаш сме се здружувале против некого или нешто.

Поделбите и раздвојувањата се по неколку основи и линии и тие се испреплетуваат и дополнуваат. Пред сè, се делиме на ние и тие, ние Македонците, тие Албанците, Србите, Ромите, Власите… и обратно, зависно од чија гледна точка гледаш и настапуваш, зависно од тоа што си и како се доживуваш.

Потоа Македонците се делат самите меѓу себе на патриоти и предавници, ВМРО-вци, комуњари, сверџани, бугаромани, гркофили, па кој на кое племе во 6 век му припаѓал, па дали дошол од подножјето на некоја планина или е од врвот, има ли езеро или нема, од која страна на улицата живее и во кој контејнер фрла ѓубре. Се соединуваме само ако некому треба беља или зло да му направиме, да го искодошиме, набедиме или да му наштетиме. Дури и на изборите не го избираме подоброто за нас и државата, туку го избираме и гласаме за помалку лошото.

Постојано кукаме и офкаме, шепотиме како заговорници дека овој или оној е виновен за нашата состојба, за сиромаштијата, но ништо не преземаме, ниту, пак, се обидуваме да преземеме. Дури и гласот ни е страв да го подигнеме, а не да се сплотиме сите незадоволни и да искажеме револт.

Шепкаат судиите по судските сали дека им се врши притисок, шепкаат обвинителите дека напредуваат само полтроните, шепка администрацијата дека е бедно платена и преполнета со оние по клуч, со врски, преку татко, стрико или тетин вработени, шепка сиот народ дека државата пропаѓа, дека сè е партизирано, но и понатаму, поделени по најглупави основи, не се сплотуваат за заеднички силно да го искажат своето незадоволство. Исти маки ги мачат, исти проблеми имаат, незадоволни од истите работи. Кон истите луѓе вперуваат прст кога не ги гледа никој и истите имиња ги шепотат, обвинувајќи ги кога никој не ги слуша. Свесни дека само сплотени, единствени и заеднички можат да ги сменат работите и состојбите, тие и понатаму се мразат меѓу себе без основ, памет и логика.

Кукаат Македонците дека националностите имаат поголеми права во нивната држава од нив самите, кои се мнозинство, не сфаќајќи дека со своите меѓусебни поделби, раздвоеност, омраза и нетрпеливост се секогаш малцинство без оглед на бројот. Не сфаќаат дека мал народ не е оној што е мал по бројот на припадници, туку мал народ е оној народ што не е сплотен, обединет и единствен околу своите национални интереси и својата иднина. Националностите се многу добар пример како сплотеноста ја минимизира малобројноста.

Се правдаат македонските политичари дека министрите не одговараат пред премиерот, туку пред својот партиски лидер и дека и тоа придонесува за ваквата политичка и општествена состојба, бидејќи ако не е така, нема да има влада затоа што ќе нема коалиција со националностите. Истото оправдување го имаат и за беззаконието, хаосот што владее, некадарните министри, корупцијата што нè голта како чума, заборавајќи дека од 120 имаат 90 пратеници и она што е национален интерес многу лесно можат да го заштитат и да го артикулираат.

Постојано ги обвинуваме оние однадвор како ни ја кројат судбината, постојано слушаме од некои недоквакани функционери како ни пренесуваат што наводно некој таму надвор дозволил или не, со што е согласен или не. И наместо да се сплотиме без оглед на поделбите и различностите и да го артикулираме нашиот државен интерес кој е битен, секому кој живее овде и истиот да го искажеме како наш став, разделени, раскарани трчаме надвор, се озборуваме, кодошиме, се плукаме меѓу себе, не сфаќајќи дека со такво однесување нè сметаат за неспособни, некадарни, имбецилни.

Во сите наши дебати, преговори, разговори тргнуваме и ги потенцираме нашите различности, зборуваме и укажуваме на сето она што нè раздвојува слепо држејќи се до своите стереотипи, предрасуди и ограничености наместо да зборуваме за сличностите и сето она што нè сплотува и спојува. Наместо да ги решаваме заедничките проблеми и сето она што нè мачи сите, наместо да работиме заеднички на прашањата од заеднички интерес, ние постојано и погубно работиме на раздвојувањето и личните интереси секогаш опфаќајќи ги различностите. Сè додека се однесуваме вака и живееме едни покрај други, а не едни со други, ќе бидеме она што сме денес, никој и ништо.

Внимавајте на своите мисли, тие стануваат зборови. Внимавајте на своите зборови, тие стануваат дела. Внимавајте на своите дела, тие стануваат навика. Внимавајте на своите навики, тие стануваат карактер. Внимавајте на карактерот, тој станува ваша судбина, рекол Лао Це и како да ни се обраќал токму нам.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)