КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Демократија на хаосот

143

Семафор на „Илинденска“ кај фонтаната, зелено на семафорот за пешаци,  на пешачкиот премин поминува жена со дете во количка и се движи накај фонтаната. Таксист од „Илинденска“, залетан врти десно накај фонтана и воопшто не прикочува и поминува покрај жената со количката на пешачкиот премин. Само чудо ја спасува жената и детето во количката. Таксистот од „Плава лагуна“ со такси возило бр. 8 се паркира на сервисната слепа улица, на коцката каде што и се наоѓа обележана такси-станица. Вознемирена жената со количката му приоѓа и му се обраќа прекорно за неговото невнимание. Таксистот почнува да вика и да ја навредува жената повторувајќи неколку пати, море бегај таму на вас сè нешто ви пречи. Запрепастена жената го гледа како што најчесто гледаме будала и не може да поверува ниту во плиткоумноста, ниту во неодговорноста на таксистот, ниту во она што го слуша. Се трга од здивениот неандерталец и се јавува во централата на „Плава лагуна“ и раскажува што се случило, но од таму добива одговор – ако не сте патник, не можеме ништо, не сме надлежни за она што се случува надвор од возилото. Заминува жената со детето накај паркот, сè уште вознемирени, но за среќа неповредени, а нахалниот и недоделкан створ останува таксист кој превезува луѓе.

Овој и низа настани кои секојдневно се случуваат во нашите животи, по улиците, во сообраќајот, продавниците, маркетите, шалтерите, институциите се слика на безобразлукот, простотилакот, невоспитаноста, некултурата и нахалноста, а се одраз на отсуство на домашното воспитување образованието и отсуство на последица, односно санкција за таквото однесување.

Општа некултура и невоспитување владее на секој чекор во нашето општество. почнувајќи од собраниската говорница, простотилак, вулгарности и навреди на социјалните мрежи, пцости, караници, навреди по улиците.

Осиленоста и нахалноста на поединците покрај недостатокот на воспитување и образование се последица и на разнебитеноста и нефункционалноста на системот, отсуство на правни последици но и отсуство на моралната осуда за такво однесување.

Влегол некој ѓавол во народот, велат некои, зло се собрало во народот, велат други и креваат раменици како нешто на што треба да се навикнеме и да се помириме. Е, не можам да се помирам со нахални и осилени идиоти, со морални накази и џуџиња, со искомплексирани и исфрустрирани будали. Колку повеќе воспитаните и културните луѓе се повлекуваат толку повеќе овие насилници се понаметливи и побезобѕирни. Тие, такви какви што се, никакви, секое повлекување на културните и воспитани луѓе заради одбегнување на расправија и спуштање на нивото на „будалата”, го сфаќаат како победа, како нивен триумф, како однесување со кое добиваат, доминираат, се изживуваат со нормалните луѓе. Згора на тоа, кога отсуствува моралната осуда и прекор кои ваквото разнебитено општество не е во состојба да го испорача, а нема ни реакција на правниот систем, настанува ваков хаос каков што нам ни се случува. Таквите ликови до крајни граници ја искористуваат културата и коректноста на нормалните луѓе, своето дивјаштво и примитивизам го завиткуваат во рувото на демократијата, а навредите, плукањата по други луѓе, линчот кој го спроведуваат преку социјалните мрежи го нарекуваат слобода на говор.

Не е ниту може да биде демократија ползување само на своите права без обврските и одговорностите, едно без друго не оди, ниту ползувањето на своите права со кршење и загрозување на правата на другите не е демократија.

Слобода на говор и изразување не се неограничени и апсолутни туку ограничувањата се однесуваат на обвинувања, клевета, непристојност, пцости, поттикнување, правото на приватност, бунт, тајни податоци, кршење на авторски права, кривоклетство…

Луѓето кои живеат во другите држави не се ништо поразлични од луѓето кои живеат во Македонија, но ваквите настани и ваквото однесување се реткост и исклучок не затоа што се повоспитани и пообразовани туку затоа што нивниот систем функционира и санкционира. Културата на однесување е создадена со ригорозно и навремено дејствување на институциите во тие држави при и најмал обид да се однесува некој вака нахално, безобразно и навредувачки.

Сето она што кај нас се случува е насилие на кое мора да му се застане на патот и кое мора да се санкционира ригорозно во спротивно хаосот кој веќе владее во земјава ќе прерасне во анархија.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)