КОЛУМНА, Д-Р РИСТО ЦИЦОНКОВ: Топлински пумпи, главен тренд во светот

27

Примената на топлинските пумпи за греење на просториите станува главен тренд во светот. Уште повеќе, за граѓаните што живеат во Скопје и во другите градови во Македонија, топлинските пумпи се најпогодниот и најбрз начин да се избегне големото загадување на воздухот, кое е многу штетно за здравјето на луѓето. Затоа, во денешниов напис ќе објаснам неколку работи за да може да научат граѓаните нешто повеќе за нив, а тоа ќе им биде корисно кога ќе го решаваат проблемот со греењето (и ладењето) на просториите.

Топлинските пумпи користат електрична енергија за својот погон. Ако е произведена таа електрична енергија од обновливи извори, тогаш може да се каже дека топлинските пумпи се 100 % еколошко решение за греење на просториите. Постојат топлински пумпи со мал, среден и со голем капацитет, така што може да се применат за индивидуално греење, за централно греење на куќи, комерцијални објекти, згради (хотели, болници, трговски центри и др.). Исто така, тие имаат примена за големи капацитети за топлификација на цели населби, но и примени во технолошките процеси во разни индустриски гранки.

Кога се спомнуваат топлинските пумпи, повеќето луѓе мислат на геотермалните топлински пумпи. Тоа е погрешна перцепција, а причина за тоа е што пред околу 25 години една поранешна фирма во Македонија пласираше такви уреди со релативно добар маркетинг. Геотермалните топлински пумпи се само едно од неколкуте решенија, и успешно се применува тоа денес. Но, развојот на технологијата во последниве две децении направи промени, така што во преден план сега се топлинските пумпи воздух-воздух (на пример, клима-уредите) и воздух-вода.

Примената на топлинските пумпи е тренд во светот потврден од сите страни, вклучувајќи ја и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Тие не се нов изум, туку постојат од многу одамна. Да напомнам дека од 1987 до 1990 година учествував во научноистражувачкиот проект „Топлински пумпи и рекуперација на топлина“, како дел од макропроектот на МАНУ „Фундаментални истражувања во енергетскиот сектор на Македонија“.

Но, топлинските пумпи долго време во минатото не беа актуелни, бидејќи порано горивата беа многу евтини. Второ, не беа економски конкурентни поради поголемите почетни инвестициски трошоци и поради сложеноста како машини. По 1990 година, почнаа да се јавуваат изразени проблеми со климатските промени, а причина за тоа е согорувањето на фосилните горива (јагленот, нафтата и гасот), при што во атмосферата се испушта јаглерод диоксид, кој е главен причинител на ефектот на стаклена градина. Оттогаш почна поголемата примена на топлинските пумпи.

Динамичен развој на топлинските пумпи

Клима-уредите сплит-систем, кои дотогаш служеа само за ладење, почнаа да ги прават и за греење (режим на топлинска пумпа), но само за преодните периоди есен-зима и зима-пролет. Подоцна се создадоа нови изведби, кои можеа да работат само кога е температурата на надворешниот воздух над -5оС, што значи корисникот мора да има главно греење на друг начин. Но, со интензивниот технички развој, денес топлинските пумпи може да работат и на многу ниски надворешни температури, дури и до -20оС. Особено е постигнат голем напредок со вградувањето инвертер, направа со која се зголемува енергетската ефикасност на сите типови топлински пумпи. На ова треба да се додаде и дигиталната контрола, што ги става топлинските пумпи далеку пред другите начини на греење.

Има разни можности при примената на топлинските пумпи, бидејќи постојат разни решенија кај внатрешните единици: ѕидни, тавански, тавански во спуштен плафон, вертикални конзолни и стоечки на под. На пример, со една надворешна единица може да се поврзат две или повеќе внатрешни единици со разни положби. Со тоа се овозможува оптимално да се грее (и да се лади) една или повеќе простории, со што се постигнува и поголема удобност за луѓето. Од друга страна, се избегнуваат положби кај кои има дување на ладен воздух директно во телото на човекот, при што има штетни последици за здравјето.

Разни решенија кај внатрешните единици

Владата на РМ и некои општини им даваат субвенции за вградување топлински пумпи на домаќинствата со мали приходи. Тоа се мал број корисници, што е недоволно за поширока примена. Државата има разни механизми како да се зголеми употребата на топлинските пумпи. Како пример ќе ги наведам стапките за царина, кои се многу високи (15%) кај сите видови топлински пумпи воздух-воздух, кои се најприменети. Исто така, стапката на ДДВ од 18 % треба да се намали барем во следните неколку години додека има загадување на воздухот во градовите. Од друга страна, за печките на пелети стапката на ДДВ е 5 %, иако топлинските пумпи се поеколошко решение.

На крај да кажам дека државата треба да заземе поактивен пристап кон воведувањето на топлинските пумпи за греење на просториите во домаќинствата и во сите видови објекти, како и во производствените технологии во разни индустриски гранки. Треба да се врши постојана промоција преку јавните медиуми, бидејќи вградувањето топлински пумпи е најбрзиот и најефикасен начин како да се спречи загадувањето на воздухот во градовите, што е од општ интерес на сите граѓани.

(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје и уредник на првиот национален извештај за климатските промени на РМ кон ОН од 2002 г.)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)