Факт е дека последниве децении во РМ работите во енергетскиот сектор не се одвиваат како што треба, ова особено важи за последниве години, така што денес имаме нестабилен енергетски систем, а се трошат и огромни суми пари за увоз на електрична енергија и на разни енергенси, меѓу другото, и јаглен и мазут.
Многу пати во минатото пишував дека е потребно во Република Македонија да се отвори посебно министерство за енергетика, при што набројував повеќе аргументи за тоа. Со најновото преструктуирање на Владата од пред неколку месеци, постои Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што, од моја страна, силно го поздравувам. Новата Влада и особено министерката Сања Божиновска имаат поактивен пристап кон енергетиката во земјата, го гледаме тоа и преку јавните медиуми. Се надевам дека нема да се остане само на зборови, туку ќе има и соодветна реализација на нивните планови и дека, конечно, работите ќе тргнат во добра насока. Се разбира дека треба и соодветно време за тоа, бидејќи многу работи во минатиот период беа испуштени и останаа многу проблеми за решавање.
Неодамна (3.12.2024), министерката за енергетика, Сања Божиновска, изјави: „…нема да се откажеме ниту јас ниту оваа Влада од намерата Македонија да биде енергетски независна земја“. Ова е многу важна заложба за енергетскиот развој на РМ, бидејќи енергијата е една од најглавните работи за функционирање на економијата и воопшто на животот во земјата.
Според мое мислење, Македонија може да биде енергетски независна само ако гради нови централи за производство на електрична енергија со најмалку 51 % државна сопственост. Тука мислам на базно производство од хидроцентрали и од когенеративни гасни централи. Ако сопственици се странски инвеститори, тие ќе ја продаваат електричната енергија по пазарни услови и кому сакаат, значи тогаш нема енергетска независност на државата. Тоа не значи дека нема потреба од странски инвеститори во енергетскиот сектор. Тие се пожелни, бидејќи државата може да добие разни придобивки од нив, како што се нови вработувања, приходи од даноци, за купената електрична енергија од нив не треба да се плаќаат трошоци за пренос и др.
Пред извесно време, Владата на РМ соопшти дека планира изградба на когенеративни гасни централи, кои произведуваат електрична енергија и топлина, а за таа цел се бараат инвеститори што ќе работат врз основа на пазарни услови. Резултатите треба да се очекуваат по три-четири години. Но, ако сакаме да бидеме енергетски независни, држава треба да биде инвеститорот, односно сопственикот. Да додадам дека природниот гас е фосилно гориво и дека треба да се гледа на него како на транзициско гориво, кое постепено се исфрла од употреба во светот, а од 2050 година нема да се користи, освен во некои специфични случаи. Многу инвеститори што градат гасни централи сега, ги адаптираат за идна употреба на водород, кој сега има висока производствена цена, но во иднина се очекува таа да биде економски прифатлива.
Од Министерството за енергетика соопштија дека е во тек изработка на нова стратегија за енергетски развој на РМ и дека ќе биде готова во јануари 2025 година. Пребарав на веб-сајтот на Министерството да видам дали има повеќе информации за ова, можеби некоја работна верзија, но таму нема ниту информација на оваа тема. Не знам кој учествува во изработката на овој многу важен документ, но претпоставувам дека се работи за квалитетен стручен тим со оглед на важноста на стратегијата, која ќе има големо влијание врз развојот на целата земја. Во енергетскиот сектор, годишно се вртат над една милијарда евра.
Да напомнам дека во минатите неколку децении, на секои пет години се правеа стратегии за енергетски развој на РМ. Носител на изработката беше МАНУ, со надворешни соработници. Првин се правеше нацрт-верзија, која одеше на јавни расправи во разни структури на државата, а мислењата и забелешките служеа за правење финална верзија. Ја гледам стратегијата од 2000 година во која е предвидено да се изградат хидроцентралите Чебрен, Галиште, Велес, Градец и Бошков Мост, како и изградба на когенеративни гасни централи. Но, еве, 25 години потоа, тие енергетски објекти не се изградија, а денес со нив би имале стабилен електроенергетски систем, штета.
Новата подготвена стратегија може да биде многу квалитетен документ, но тука сакам да потенцирам дека најбитна работа е нејзиното спроведување во периодот што следува.
(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје и уредник на првиот национален извештај за климатските промени на РМ кон ОН од 2002 г.)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните.)