КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Инстант живот

591

Светот се смени, се сменија вредностите, приоритетите, идеите, се смени самиот живот. Мојата генерација е последна генерација која растеше и се развиваше во едно друго време, растеше и се градеше со едни други вредности, растеше без интернет и мобилни телефони. Растевме безгрижно и безбедно, растевме дружејќи се и играјќи се заедно, истражувавме и осознававме барајќи по енциклопедии и книги, сами го градевме своето мислење и своите ставови врз основа на сопственото спознание и знаење. Мечтаевме за многу нешта, верувавме во нашите родители и учители, се гордеевме со она што сме и кои сме, се трудевме да создадеме и направиме нешто не прашувајќи се каква корист или ќар ќе имаме од тоа. Вложувавме во себе, во своето знаење, во својата иднина,знаејќи дека е тоа долготраен процес кој бара многу труд и трпение.

Светот се смени, животот се смени, денес генерациите немаат ниту трпение, ниту желба и глад за знаење, тие бараат инстант одговори, инстант решенија, инстант успеси, инстант богатење, тие се инстант генерација. Денешните генерации се зависни од интернетот и мобилните, тие им ги сервираат одговорите, решенијата, вистините, тие го креираат нивното мислење, вкусовите, интересите, ги вкалапуваат нивните поими за убаво, нормално.

Сите наликуваат еден на друг, ботокс, филери, усни ко патка, без експресија на здрвеното лице од премногу вештачки супстанции, облечени по шаблон наликуваат на младината на големиот Мао само малку поразнобојни.

Во тој виртуелен свет се додаваат пријатели, не се стекнуваат ниту создаваат, тоа се пријателства со луѓе кои никогаш ниту ги виделe ниту ќе ги видат во живо, таму се раѓаат љубови со луѓе кои никогаш нема да ги видат и допрат. Осветлениот екран и тастатурата се опкружувањето, реалноста и животната вистина на младите луѓе, а виртуелниот свет во кој живеат, постираат, лајкуваат, коментираат, се вљубуваат, расправаат е имагинација, илузија, привид и обмана.

Новите генерации сакаат сè, веднаш и сега, сакаат веднаш да се успешни, веднаш да заработуваат големи пари, веднаш да ги заземат врвните функции. Ти сакаат да раководат, а никогаш не научиле да бидат раководени за да знаат да раководат, тие се стремат кон врвот, а никогаш не застанале на подножјето и не се обиделе да се искачат кон него. Тие мечтаат за крајот пред воопшто да започнат нешто, сакаат да стигнат до целта без воопшто и чекор да направат и да го изодат патот. Сакаат максимален резултат со минимален труд и залагање, големи пари без работа, знаење без учење.

Таквата инстант генерација нема скрупули, нема правила и начела освен дека целта ги оправдува средствата, сè е дозволено и нормално само за да се добие посакуваното. Себичноста и егоизмот, отуѓеноста, површноста и нестрпливоста за задоволување на своите желби  ги направија овие инстант генерации неспособни за градење на лични, социјални и општествени односи, неспособни за идеи во кој ќе бидат артикулирани интересите на заедницата во која живеат. Тоа е под нивниот видокруг, под нивниот интерес, тоа е нешто што не ги интересира ниту засега.

Бунтовноста која секогаш ја красела младоста повеќе ја нема, но го нема ни воспитувањето и културата, немаат почит кон никого и ништо затоа што ниту дома ниту во училиште не го добиваат.

Тие и такви генерации се наш производ, тие и такви генерации се наш одраз, тие се доказ за нашиот неуспех и нашата неспособнот да ги насочиме кон вистинските вредности. Тие и такви генерации се огледало на севкупните состојби во општеството, тие се производ на политиканското експериментирање во образованието, незаинтересираноста за младината, разнебитувањето на сèшто функционира, кокетирањето со модерните” трендови кои се дијаметрално спротивни на нашата, традиција, култура, менталитет.

Инстант политиканти создаваат инстант држава, инстант држава продуцира инстант живот кој го живеат инстант граѓани, а сите заедно создаваат инстант младина со која тешко да има иднина.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)