Колку чинеа Олимписките игри во Токио?

31

Олимписките игри завршија на 8 август, а Параолимписките игри три недели подоцна, но остана едно прашање неодговорено. Колку чинеа Игрите?

Извршниот директор на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Токио, Тоширо Муто, истакна дека се уште не може да каже дали трошоците за натпреварувањето го надминале официјалниот буџет од 15.4 милијарди долари, и дека сите податоци ќе бидат познати на почетокот на следната година.

  • Не сум подготвен да одговорам на тоа прашање. Се уште немам информации. Луѓето задолжени за тоа проверуваат, истакна Муто, одговарајќи на прашање од новинар на прес-конференција.

Тој изјави дека информациите за точните трошоци најверојатно ќе бидат објавени на почетокот на следната година, но дека прелиминарните бројки би можеле да бидат достапни во декември.

Организаторите се надеваа на приход од 800 милиони долари од билети, што не се случи бидејќи на фановите им беше забрането да присуствуваат на натпреварите поради пандемијата на коронавирус.

Јапонската влада најверојатно ќе ги надомести трошоците за билети.

На прашањето дали очекува дополнителни придонеси од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Муто навести дека тоа нема да се случи. Тој рече дека ИОК веќе даде прилично голем придонес и дека ги исполни своите обврски во согласност со договорот со градот домаќин, во кој се наведува – кој што плаќа во организацијата.

Според последните податоци за буџетот, ИОК придонесе со 1.3 милијарди долари за Олимпијадата во Токио.

Олимписките игри во Токио се најскапите во историјата, чии трошоци надминаа над 15 милијарди долари, но државните ревизори постојано повторуваат дека трошоците се многу поголеми.

Едногодишното одложување на натпреварите поради пандемијата, исто така, придонесе за повисоки трошоци во организацијата.