Колку тежат намалените маржи – 57 или 1.360 денари?

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, повторно излезе на прес- конференција за да каже колку се заштедите на семејствата од мерката есенска потрошувачка кошничка. Според него, мерката била спроведена успешно и ги дала очекуваните резултати, а заштедите изнесуваат до 1.360 денари од семејство. Но, граѓаните, синдикатите и економстите не мислат така. Од Сојузот на синдикатите на Македонија пресметаа дека вредноста на синдикалната минимална кошничка во октомври во однос на септември е намалена за 57 денари. Економските експерти велат дека ефектот од мерката бил многу слаб и ако се споредат цените, реалната заштеда од намалувањето месечно е околу 200 денари

50

Есенската кошничка веќе не важи, а граѓаните што вчера пазаруваа во маркетите велат дека цените во маркетите веќе се вратиле по старо, а на некои производи дури и се зголемиле. Ова се првичните реакции за мерката донесена од Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните и за стабилизирање на инфлацијата. Освен граѓаните, и синдикатите и економските експерти постојано укажаа на тоа дека мерката нема да има ефект, бидејќи трговците нема така лесно да се откажат од профитот. Тоа се покажа и во практика, цените минимално се намалија, а профитите на трговците останаа исти.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, повторно излезе на прес- конференција за да каже колку се заштедите на семејствата од мерката есенска потрошувачка кошничка. Според него, мерката била спроведена успешно и ги дала очекуваните резултати, а заштедите изнесуваат до 1.360 денари од семејство.

– Очекувам од ноември дополнително намалување на ценитем зашто почна примената на Законот за трговски практики. Есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но ако дојде до покачување на ценитем ќе се преземат поригорозни мерки – истакна министерот.

Според него, со есенската кошничка се спречило нагло зголемување на цените.

Дурмиши најави божиќна кошничка кон крајот на годинава, а потоа, рече, ќе има и рамазанска, велигденска… Кошничките ќе се однесуваат на различни производи, зависно од потребите на граѓаните.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, во заминување, Горан Трајковски, рече дека трговците правеле разни манипулации за да го избегнат  намалувањето на цените.

– Трговците се итри, знаеме дека пред донесување на одлуката беше споменато во јавноста дека ќе се носат кошнички, и тие во меѓувреме ги зголемуваат цените и се подготвуваат за таквите работи поажурно и побрзо отколку во минатото. И затоа има казни од наша страна. Повторно апелирам, конкретно кон големите и кон малите маркети, повторно, како општествено одговорни компании, ако имаат простор, на основните прехранбени производи да ги намалат цените самоиницијативно, а јас сум убеден, оној што прв ќе го направи тоа, сите ќе пазариме од него и ќе пазариме и друго нешто, покрај тие основни прехранбени продукти – рече Трајковски.

Од СДСМ ја нарекоа мерката фијаско. Мерката за замрзнување на маржите требаше да биде спас за граѓаните од високите цени, но тие не ни почувствуваа дека постоеше.

– По еден месец од примената на оваа мерка, граѓаните почувствуваа само разочарување. Синдикалната кошничка се намали за симболични 57 денари – толку се „заштедило“ за еден месец. По ова, легитимно е прашањето дали ова е сериозна економска политика или само замајување на јавноста. Цените во маркетите, за најголемиот дел од производите, останаа исти. Неколку производи се намалија за незначителни суми, но граѓаните не го почувствуваа тоа. Ова не е случајност, неефикасната мерка е последица на лошото и непромислено работење на Владата. Мерката не беше добро подготвена, а Владата им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред нејзиното стапување во сила – изјавија од СДСМ.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија пресметаа дека вредноста на синдикалната минимална кошничка во октомври во однос на септември е намалена за 57 денари.

Економските експерти велат дека ефектот од мерката бил многу слаб и ако се споредат цените, реалната заштеда од намалувањето месечно е околу 200 денари.

И граѓаните коментираат дека уште неистечена мерката, одредени трговци веќе ги вратиле цените по старо. Деновиве, во маркетите можеа да се забележат повисоки цени на некои видови овошје и зеленчук. Така пиперот се продава по 140 денари за килограм, а повисоки цени имаат и сирењето и кашкавалот. Се очекува деновиве да се зголемат цените на месото и на месните производи.

(А.С.)