Доколку сакате да заработите многу во Германија, најдобро ќе поминете како доктор на стоматологија, каде годишно може да сметате на нето заработувачка од околу 117.000 евра. Како лекар можете да заработите 78.000, а како менаџер на финансиски фонд околу 75.700 евра.
Но, како мигрант, сепак, многу поголема е шансата дека ќе работите на некои од помалку платените работни места. Така, како одржувач на хотелски соби се заработуваат до 19.000 евра годишно, додека во угостителството заработката е околу 1.000 евра поголема, пишува Независне новине.
Како фризер можете да заработите околу 21.000 евра, како келнер 22.000, а доколку се вработите во кол-центар можете да заработите околу 24.000 евра годишно – иста плата која ја заработуваат касиерите и рецепционерите. Забните техничари заработуваат 1.000 евра повеќе, а истите пари би ги заработиле и работејќи како готвач.
Посебно популарна професија е возач на камион, која за разлика од другите може да донесе заработувачка која варира од 26.000 до 30.000 евра годишно, во зависност од компанијата и релациите на кои би возеле.
Од вкупно 32,7 милиони работници во Германија, вкупно 3,6 милиони работници работат легално без притоа да поседуваат германско државјанство. Од нив 2 милиони доаѓаат од земјите од Европската унија, додека останатите се од земјите надвор од неа.