Кои се Севернокорејците кои гинат за Русија: трупи без искуство или елитна единица со програмирана и индоктринирана војска?

302

Од средината на октомври почнаа да пристигнуваат првите извештаи за испраќање севернокорејски војници во Русија. Но, како што пишува Си-ен-ен, нивното присуство не е официјално признаено ниту од Москва, ниту од Пјонгјанг.

Американската влада проценува дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници како засилување на руските единици, а и украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот викенд изјави дека Русија во значителна мера користи севернокорејски војници во борбите во Курск.

Нивното присуство или неприсуство е мистерија до тој степен што контрадикторни се и изјавите на украинските војници кои се борат во регионот Курск. Едни во интервјуата за европските и американските медиуми велат дека никогаш не се сретнале со севернокорејски војник, а други дека постојано ги гледаат, па дури од нив учат некои корејски фрази.

Воените експерти, пак, во врска со нив пласираат разни теории кои се движат од тоа дека се луѓе кои немаат борбено искуство, до тоа дека се војници специјално обучени да изгледаат слично како американските морнарички фоки.

– Ова не се искусни борбени трупи. Тие никогаш порано не биле во борба. Нашата најнова процена е дека Северна Кореја претрпе неколку стотици жртви, изјави претставник на американската влада.

Една украинска единица извести дека Севернокорејците кои носат униформи различни од руските извршувале пешадиски напади користејќи ги истите тактики како пред 70 години, во бранови. Но, некои аналитичари предупредуваат дека севернокорејските војници не треба да се потценуваат.

-Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги испраќа најдобрите од елитната единица на високо обучени и индоктринирани војници познати како Корпус на бура, вели пензионираниот генерал-полковник Чун Ин-бум, ветеран на јужнокорејската војска.

Тој појаснува дека некои од нив припаѓаат на специјалните сили, слични на американските морнарички фоки или британските САС, а другите се лесна пешадија и снајперисти. Според него единаесеттиот корпус на севернокорејската армија, познат како Корпус на бура е составен од подобро обучени, физички поподготвени и помотивирани војници од просечниот севернокорејски војник.

Мајкл Маден, програмски соработник на центарот „Стимсон“ во Вашингтон оценува дека ова е најголемото распоредување на севернокорејски трупи од Виетнамската војна.

-Овие луѓе се програмирани. Тие се индоктринирани. Но, прашањето е колку добро се индоктринирани? Колку добро се програмирани?, вели тој.

Северна Кореја е една од најмилитаризираните земји во светот, со околу 1,2 милиони припадници на вооружените сили. Сите граѓани со наполнети 17 години мора да отслужат 10 години воен рок. Севернокорејскиот пропаганден материјал објавен оваа година од државната телевизија ја покажа обуката на војниците за специјални операции од која дел е кршење бетонски блокови над голо торзо на војници.