Кои се најголемите финансиери на партиите?!

Граѓаните преку буџетот се најголеми финансиери, покажуваат финансиските извештаи кои Државниот завод за ревизија ги објави за приходите и расходите на 42 партии, заради подобар увид во управувањето со јавните средства. Според овие извештаи, политичките партии главно се финансираат од буџетски средства од државата, но и од членарина, подароци, донации и „други извори“.Според извештајот , опозициската ВМРО-ДПМНЕ лани имала приходи од 104 милиони денари. Најмногу пари заработила од државата, односно граѓаните – 97 милиони денари, владејачката СДСМ лани остварила приходи од 119 милиони денари, кои се зголемени споредено со претходната година. Приходи од 156 милиони денари минатата година остварила ДУИ, 105 милиони денари се пренесени од претходната година, 2 милиони денари се од камати, 1 милион денари од членарина, а 1,5 милиони денари се од донации. Алијанса за Албанците имала приход од 23 милиони од кои 17 милиони од Буџетот.

254

Граѓаните преку буџетот се најголеми финансиери на партиите, покажуваат финансиските извештаи кои Државниот завод за ревизија ги објави за приходите и расходите на 42 партии, заради подобар увид во управувањето со јавните средства. Според овие извештаи, политичките партии главно се финансираат од буџетски средства од државата, но и од членарина, подароци, донации и „други извори“.

Според извештајот на ДЗР за финансиското работење на партијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ лани имала приходи од 104 милиони денари. Најмногу пари заработила од државата, односно граѓаните – 97 милиони денари, пари кои ѝ следуваат по закон и кои ги добива секоја партија. Од донации има 3,7 милиони денари.

Од донаторите најголем е фирмата за одржување на хигиена – Лувак 2020, која донирала 800 илјади денари.  Останатите се приватни лица, пратеници и партиски функционери кои издвоиле од 25 до 216 илјади денари.

Меѓу донаторите се и функционери на партијата како Антонио Милошоски, Миле Лефков, Игор Јанушев …  Партијата лани имала расходи од 98 милиони, од кои за реклами и пропаганда потрошила 6,5 милиони денари, а 6 милиони за камати. Годината ја завршува со нето-вишок од 6 милиони, што е 4 милиони повеќе отколку минатата година.

Владејачката СДСМ лани остварила приходи од 119 милиони денари, кои се зголемени споредено со претходната година, покажува извештајот за финансиското работење на партијата, објвен од ДЗР.  Од нив 2,9 милиони се од членарина, подароци, донации и друго, а над 88 милиони денари се приходи од други извори. Над 17 милиони потрошиле за реклама, пропаганда и репрезентација, 5 милиони за транспорт, исто толку за енергија, или вкупно – 40 милиони. Бележи нето-добивка од 53 милиони што е двојно повеќе од лани.

Владејачката ДУИ лани остварила приходи од 156 милиони денари. Како што покажува извештајот на Државниот завод за ревизија, 105 милиони денари се пренесени од претходната година, 2 милиони денари се од камати, 1 милион денари од членарина, а 1,5 милиони денари од донации. Меѓу подарежливите донатори е лидерот Али Ахмети со 36 илјади денари, додека техничкиот премиер Талат Џафери дал 15 илјади.  Лани партијата за реклами потрошила 2 милиони денари, изнајмиле простор и опрема за милион и 600 илјади, исто толку дале за камати, а во графата други финансиски трошоци впишале 7 милиони денари.

Алијанса за Албанците имала приход од 23 милиони – 17 милиони од Буџетот, 2 од членарина, еден и пол од донации. Најмногу потрошила за поправки – 3 милиони и 600 илјади, потоа за комунални услуги и 1 милион за реклами.

Државата на Левица ѝ доделила 14 милиони, на ГРОМ 8 милиони, а по 4 милиони добиле партиите Твоја, ТМРО и други.