Градинките кои поради корона вирусот се затворени, ќе се отворат кога ќе заврши скринингот и кога ќе се овозможат безбедни услови за престој на децата и на вработените, но во меѓувреме се прават протоколи кои ќе мора да се почитуваат. Еден од условите што родителите кои немаат друг избор за згрижување на децата, освен градинка, a ќе мора да го исполнат е да донесат потврда дека не смеат да отсуствуваат од работното место. Менаџментот на градинките, за оваа новина по СМС веќе ги информирал родителите.
-Според протоколот донесен на Влада, а се однесува за работата на детските градинки родителите треба да донесат:
- Две потврди (за двајцата родители) од работодавецот дека нивното присуство е задолжително на работното место.
- Здравствена потврда на детето не постара од 3 дена пред поаѓање во градинка. 3. Да се достават уредно платени сите заостанати сметки за престој во градинка. Ова е пораката што ја добивме и претпоставувам дека мерката е донесена поради редуцираниот број на деца во групите и да не се дозволи да се зафати место за деца чии родители плаќаат но, децата им ги чуваат бабите и дедовците, изјави читателка за весникот ВЕЧЕР.
Министерството за здравство најави дека уште некој ден ќе заврши целосниот скрининг на сите вработени во градинките, по што ќе се разговара прво во Комисијата за заразни болести, а потоа и во Владата за денот на отворањето на градинките.
– Ситуацијата со ковид-19 е непредвидлива секаде не само кај нас. Зависно од тоа како ние се однесуваме можеме да ја имаме предвидливоста пред нас, а одговорноста на секој еден човек, одржувањето растојание, носење заштитна опрема ќе придонесе за подобрување на состојбата со ковид-19 , изјави неодамна премиерот Оливер Спасовски.