Претставата „Хамлет – денот на убиствата“ (според пиесата на Бернар-Мари Колтес), во режија на Марјан Неќак, премиерно ќе биде изведена на 1 март во Битолскиот народен театар.

Во претставата играат: Никола Стефанов (Хамлет), Иван Јерчиќ (Клаудиј), Валентина Грамосли (Гертруда) и Викторија Степановска- Јанкуловска (Офелија).
Режисерот Марјан Неќак истовремено е и автор на музиката, драматург е Оливера Павловиќ, костимограф е Андреј Ѓоргиевски, а сценографијата е на Валентин Светозарев.

„Пиесата ‘Денот на убиствата во историјата за Хамлет’ на Бернар-Мари Колтес, напишана во 1974 г., според која ја составивме драматуршката предлошка за претставата ‘Хамлет – Денот на убиствата’, е инспирирана од безвременото дело на Шекспир – ‘Хамлет’, но не е ниту негова адаптација ниту коментар на Шекспировата пиеса. Тоа е драматуршка игра за познатата хамлетовска ситуација: ситуација во која секој избор води само кон смрт – морална, духовна, физичка. Тоа е ситуација на метафизичка стапица во која е предизвикана човековата слобода, односно прашањето за човековата слободна волја во моментот кога се соочува тој со својата ограниченост да дејствува и со својата смртност како битие. Тоа е и реална ситуација во секојдневните односи меѓу луѓето, кога човек во однос кон другиот човек се наоѓа пред избор да истрае како човечко битие (со сите потенцијални вредности што ги содржи тоа битие) и да умре со човечко достоинство, или да умре – и морално, и духовно уште пред, конечно, да умре за светот…“, вели драматургот Оливера Павловиќ за претставата.

Таа додава дека дејството на Колтесовиот „Хамлет“ се одвива на историски неодредено место (а сосема познато како атмосфера) и во ограничено (на еден ден) неограничено време (за негови варијации), одржувајќи ги основните елементи и теми на оригиналното дело: страшното убиство на кралот татко, узурпацијата на власта од страна на убиецот љубовник, одмаздата како клучен момент на заплетот на приказната, трагичната разврска на приказната.

„Квартет од четирите клучни лика на Шекспировата драма: Хамлет, Клаудиј, Гертруда, Офелија, во една чудна, распаметена трка со Смртта, доведувајќи го до границата на лудило секој чекор што ќе го направат во откривањето на својата љубов, сексуалност, омраза, страв, страст да (не)се биде, во една ноќ го разрешуваат меѓусебниот конфликт. Во оваа пиеса сѐ е покажано отворено – и самото развивање на драмата и движечките мотиви. Во последните часови од своето постоење, како претходно нешто да ги задржало, ликовите со последни сили јурат во забрзана игра со убиства, во која сите го губат животот. Останува само да се види кои сѐ околности ќе ги создадат самите ликови (и актерите на сцената) во своите меѓусебни односи, впуштени во игра чиј крај е познат“, додава, меѓу другото, Павловиќ.

Во претставата се употребени фрагменти од аријата „Nessun Dorma“ од операта „Турандот“ на Ѓакомо Пучини и фрагмент од песната „What was I made for“ од Били Елиш; стихови од Вилијам Шекспир, Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Емили Дикинсон, Борис Пастернак. (Д.Т.)