Пензиските системи во регионот и во Европа се во фаза на промени. Во повеќе земји, интензивно се размислува за зголемување на возраста како услов за пензионирање. Во моментов, во Македонија услов за стeкнување право на пензија се возраста и годините работен стаж. Мажите се пензионираат на 64, а жените на 62 години. И за мажите и за жените важи условот да имаат минимум 15 години работен стаж.

Старосната граница за заминување во пензија кај одредени категории занимања може да биде и пониска. Тие имаат бенефициран стаж и 12 месеци стаж им се пресметуваат од 13 до 18 месеци, во зависност од позицијата.

Македонските пензионери се со поделени мислења во однос на продолжувањето на работниот век, односно за поместување на старосната граница и до 75 години. Секако, тоа зависи од видот на работата, односно има работни места каде што може да се работи и по навршувањето 65 години, односно тоа се работни места каде што се значајни работниот стаж, знаењето, праксата…

Но, исто така, постои и тешка физичка работа или работа за која е потребно многу движење и која потешко може да ја извршуваат мажи постари од 64 години. Од друга страна, поради малите пензии во Македонија, многу пензионери се поборници на идејата за поместување на старосната граница за да имаат пари да се прехранат, за лекови, за враќање на кредити и други долгови.

– Мислам дека работниот век треба да се продолжи до 67 години, а може и повеќе. Пред сè, поради тоа што пензиите во Македонија се многу мали и тешко може да се преживее со нив. Поместување на старосната граница за пензионирање е можност да се добие некоја година плус во работниот стаж, како и некој денар повисока пензија и поголем придонес во семејниот буџет – вели Д.М., неодамна пензиониран работник од Македонија.

И други пензионери чии работни места не се поврзани со физичка работа го делат неговото мислење и сметаат дека е добро да се продолжи работниот век. Според нив, подобро е додека можат да работат, да ги пренесат своите искуство, знаење и својот придонес во оние области во кои работеле долги години.

Сепак, поголем е бројот на оние што не сакаат да работат подолго од 62, односно 64 години и едвај чекаат да одат во пензија.

– За неколку месеци одам во пензија и едвај чекам. Сакам да имам повеќе слободно време и да им се посветам на работите што не сум можела да ги правам додека сум била вработена. Имам свое хоби, сакам да патувам по светот, да имам повеќе време за семејството, за пријателите, со еден збор – да уживам во животот – вели М.М. од Скопје. 

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) сметаат дека воопшто не треба да се размислува за некакво зголемување на старосната граница за пензионирање и оти треба да се воведат повеќе модели за поволни услови за пензионирање.

Нивните конкретни предлози што се доставени до надлежните институции, се следниве: воведување на пензионирањето врз основа на стажот, без оглед на нивната старосна возраст; можност да се докупи стажот при предвремено пензионирање и воведување бенефициран стаж за одредени категории граѓани.

И во регионот сè погласно се зборува за поместување на старосната граница за пензионирање. Во Србија, во моментов мажите одат во пензија со 65, а жените со 63 години и шест месеци со минимум 15 години стаж. Сепак, законските услови за жените ќе се менуваат до 2032 година. Дотогаш, со реформата е предвидено жените и мажите да се изедначат со возраста како услов за пензија, односно за сите да важи условот за наполнети 65 години.

Законските услови во Босна и Херцеговина предвидуваат заминување во пензија со 65 години возраст или 20 години пензиски стаж или 40 години стаж без оглед на возраста. Условот за пензија за мажите во Црна Гора е 66 години возраст и минимум 15 години стаж, додека за жените 64 години и минимум 15 години стаж.

Во земјата е во тек реформа според која до 2028 година за жените се предвиден бенефиции. Односно тие можат да заминат во пензија од 62 години и девет месеци во 2023 година до 63 години и девет месеци во 2028 година. Законите во Албанија во моментов предвидуваат мажите да заминат во пензија со 65, а жените со 61 година и осум месеци. Во земјата се спроведува реформа која во 2056 година ќе треба да ги изедначи мажите и жените, односно сите да заминуваат во пензија на 67 години. До 2056 г., кај жените условот за возраста секоја година се зголемува за два месеца.

Кај мажите, до 2033 г., условот од 65 години ќе остане непроменет, а потоа секоја година ќе се зголемува за еден месец. И во Албанија минимумот работен стаж за стекнување право на пензија е 15 години. Во Косово, условите за пензионирање на мажите и на жените се исти. Тие можат да се пензионираат на 65-годишна возраст.

За разлика од Балканот, во дел од останатите европски земји старосната граница за пензија се движи меѓу 62 години во Франција и 66 години и 10 месеци во Холандија. Токму зголемувањето на старосната граница за пензија од 62 на 64 години е причина за големи протести во Франција. Околу 66 години се движи условот во Шпанија, Германија, Велика Британија. Старосната граница во Шведска е 63 години, во Швајцарија 64, односно 65, како и во Белгија. И во Канада условот за пензија се 65 години, додека во САД – 66 години и четири месеци.

(А.С.)