Ковид 19, болест која ги зафаќа сите органи: Кога е вистинското време да се вратите на физичката активност?

419

Многу луѓе, по прележаниот ковид-19, се жалат на хроничен замор и недостаток на сила, а процесот на закрепнување може да трае со месеци. Кои се последиците за луѓето со ковид-19 и кога е време да се вратат на физичките активности?

По прележаниот корона вирус, се појавуваат две општи категории на симптоми. Во првиот се оние што се забележуваат кај други тешки респираторни заболувања: замор, отежнато дишење, болка во градите и зглобовите.

Овие проблеми полека се намалуваат со текот на времето кај повеќето пациенти, иако повремено можат да останат трајни и да имаат многу негативно влијание врз квалитетот на животот.

Втората категорија вклучува проблеми кои често не се очигледни, но се многу посериозни на долг рок: оштетување на белите дробови, срцето, бубрезите и мозокот.

“Ковид 19 зафаќа различни органи и доаѓа како мултисистемска болест. Видовме дека ковид може да остави сериозни последици, како што се фиброза на белите дробови, разни тромбози, проблеми со срцевиот мускул”, вели српската лекарка Даниела Јевтиќ за РТС.

По прележан ковид-19 зголемен е бројот на срцеви и мозочни удари

„Што се однесува до срцето, имаме болка, аритмии, скок на притисокот, зголемен број на срцеви и мозочни удари, бидејќи ковид предизвикува нарушување во однос на згрутчувањето, најчесто во смисла на создавање тромбови во различни органи – мозок, срце. Многу често имаме срцев удар, болка во градите, нарушување на циркулацијата и во други органи – бубрези, црн дроб, слезина, црева“, наведува докторката.

Таа објаснува дека по прележан коронавирус, често има општ пад на имунитетот и оштетување на белите дробови.

„Со слаба функција на белите дробови, има слабо снабдување со крв и кислород во мозокот и срцето, така што има нешто што ние го нарекуваме мозочна магла – општа маглива состојба, на некој начин пад на функцијата на мозокот во однос на вниманието, разбирањето, концентрација во учењето, работата, возењето“, објаснува Јевтиќ.
Кога е вистинското време да се вратите на физичките активности

Заздравувањето и враќање на физичката сила, во зависност од клиничката слика, може да потрае неколку месеци.

„Од таа причина, поради општиот пад на имунитетот, советуваме поздрави навики и постепено враќање на секојдневните активности, дури и кога пациентите мислат дека поради благата форма со која биле заразени имаат можност и способност да се вклучат во сите животни текови и да вежбаат што е можно поскоро. Благ тек на болеста не мора да значи благи компликации. Дури 30 проценти од пациентите кои имале благ тек на болеста имаат сериозни компликации”,  порачува Јевтиќ.