Во Британија во последните недели има зголемување на бројот на заразени со Ковид, а се проценува дека повеќе од 800.000 луѓе се заразени со новиот вид. Еден од седум случаи на национално ниво сега се припишува на новиот вид на Ерис, а бројот на инфекции продолжува да расте кај сите возрасни групи.
Ерис, која е омикронската подваријанта која е причина за скокот на инфекциите, пристигна во Британија на почетокот на мај и Светската здравствена организација ја додаде на својата листа како EG.5.1. Засега не се смета за причина за загриженост, пренесува Нова.рс.
„Видовме мало зголемување на стапките на прием во болница кај повеќето возрасни групи, особено кај постарите лица. Целокупните нивоа на прием остануваат екстремно ниски и во моментов не гледаме слично зголемување на приемите. Ќе продолжиме внимателно да следиме“, рече Мери Ремзи, раководител на имунизација во Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство.
Постојат голем број на симптоми на кои лекарите велат дека треба да внимавате со овој вид на вирус. Најчесто се слични на веќе познатите симптоми на омикрон – болки во грлото, течење на носот, затнат нос, кивање, кашлица, главоболка, засипнатост, болки во мускулите и промени во сетилото за мирис. Сепак, отежнато дишење, целосното губење на мирисот и треска повеќе не се меѓу главните симптоми.
Професорката Кристина Пагел смета дека постои опасност од нови соеви поради слабеењето на имунитетот и лошите временски услови. Зборувајќи за The Independent, таа рече дека мисли дека има „дефинитивно уште еден бран“ во Британија.