Од 650 до максимум 5.000 евра ќе плаќаат болните од ковид кои се лекуваат во приватните болници. Владата на вчерашната седница донесе одлука да ги ограничи цените кои што ги наплаќаат приватните болници за лекување на пациентите со ковид.
Со измените во Законот за здравствена заштита, кои се носат под притисок на јавноста и по повеќе од една година од почетокот на пандемијата, се предлага цените во приватните болници да бидат изедначени со референтните цени утврдени од Фондот за здравство.
– Со измените во Законот, дијагностицирање и лекување на ковид-пациенти, предлагаме да се движи од 40.000 до 305.000 денари – се наведува во објавата на министерот.
Тој појаснува дека државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од ковид-19.
– Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја – посочува министерот, притоа повикувајќи ги сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на регулацијата на цените за здравствени услуги на ковид-пациенти во приватните болници.
Соочени со високите цени кои треба да ги платат за хоспитализација, на социјалните мрежи неретко се појавуваат апели за донирање на средства за болните од ковид кои се лекуваат во приватните болници. Министерот за здравство, токму на оваа тема, неодамна разговараше со менаџментот на дел од приватните болници, но во неколку наврати тој одлуката ја остави на добрата волја на сопствениците.
Во јавноста често се коментираше дека семејствата на болните од ковид плаќаат астрономски цени во приватните болници, кои достигнуваат и до 1.000 евра од ден, особено доколку болниот е на респиратор.
Неодамна по средбата со министерот – само приватната болница „Жан Митрев“ одлучи да ги намали цените за 10 отсто, додека од „Систина“ рекоа дека не им е исплатливо.
Поради пикот од третиот бран, речиси сите клиники и државни болници се преадаптирани во ковид-центри.
Заклучно со вторникот, во болниците низ државата се лекуваат вкупно 1.768 ковид-пациенти, од кои 725 се во Скопје, а 1.043 во другите градови. До вчера утрото слободни останале околу 300 кревети, а од нив во Скопје се 65, информира Министерството за здравство.
Во скопските ковид-центри само вчера се хоспитализирани 76 нови пациенти од кои 34 се во Интерните и хируршки клиники, 17 во ГОБ 8 Септември, 8 на Инфективната, 5 во Козле, 2 на Клиниката за детски болести и 6 во Институтот за физикална медицина. Во овој период дома се пуштени 62 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 140 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 16 деца позитивни на ковид-19, на ГАК има 8 позитивни пациентки, а во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 58 болни.
Од болниците во другите градови, најмногу пациенти има во Битола-149, а потоа во прилеп-125. Во болницата во Штип се хоспитализирани 94 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 36 пациент, во Велес се лекуваат 106 болни, а во Куманово 114 ковид-пациенти. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 105 пациенти, во Гостивар 48, во Струга 23 болни, во болницата во Струмица има 94 пациенти, во Кочани 29, во Кичево 31, Кавадарци 63, а во Гевгелија 26 лица позитивни и сомнителни на ковид-19.