Од 06.08 до 26.08.2021 17.020 граѓанин во државата се позитивни од тестираните за КОВИД. Од нив, 2924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани, покажува најновата анализа на Министерството за здравство (МЗ).
Според МЗ, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со КОВИД, а рапиден е и растот на реинфекции со КОВИД.
-Изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83 отсто од позитивните на КОВИД не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89, додека само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведува МЗ.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со КОВИД, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
-Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство, наведува МЗ.
Министерството за здравство информира дека рапиден раст е детектиран на реинфекции со КОВИД, во период од 15 август до 22 август.
-Институтот за јавно здравје анализирајќи ја неделната епидемиолошка состојба во државата има детектирано дека во период на една недела 54 лица кои еднаш биле позитивни на КОВИД, повторно се заразиле со вирусот. Ако се анализира состојбата од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август 2021 година, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот. Укажуваме на важноста од вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, велат од МЗ.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози, ако притоа поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза.