Ковачевски: Уцени не прифаќам, опозицијата да почне да работи во интерес на граѓаните

59

Уцени не прифаќам, опозицијата да биде на ниво на задачата и конечно да почне да работи во интерес на граѓаните! Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Ова се главните пораки кои ги упати премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со лидерите на партиите од владината коалиција.

Владината коалиција, како што истакна македонскиот премиер е стабилна, единствена, ефикасна во работењето, но најважно од сè е посветена на подобрување на животниот стандард и интересите на граѓаните и државата.

„Граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари. Затоа, во овој период, тие очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес… Денес усвоивме и потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис-секторот во услови на глобална криза. Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза по Втората светска војна“, нагласи Ковачевски.

Тој истакна дека коалициските партнери едногласно заклучиле дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку дополнително ќе ги продлабочат и најави фокус на економијата и надминување на последиците од кризата.

„Оттука, сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, посочи Ковачевски.

Премиерот рече дека со коалициските партнери на средбата ги реафирмирале позициите за нашиот евроинтеграциски процес, дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот парламент.

„Jа реафирмиравме и нашата посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот соговор, Договорот за добрососедство со Република Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите“, рече Ковачевски додавајќи дека нема да го коментира францускиот предлог затоа што сè уште не е предлог кој што е усогласен од страна на сите 26 земји членки на ЕУ.

Тој додаде дека владината коалиција целосно ги отфрла деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повикува да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом.

„Легитимно право е на опозицијата да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава. Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби. Заеднички поминавме низ многу премрежја, ќе ги пребродиме и следните предизвици, бидејќи имаме план, знаење и силна волја“, заклучи премиерот Ковачевски по средбата на владината коалиција.