Како што објасни премиерот Димитар Ковачевски доколку има линеарно покачување, како што бараат пензионерите на секој по 3.500 денари,  тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој Фондот не може да го издржи. Премиерот смета дека се работи на методологија за закон за минимална пензија. Што се однесува за платите и реакциите на синдикатите, Ковачевски вели дека веќе во изработка е закон за плати со кој ќе се регулираат и платите на избраните лица.

 

 

Пензионерите веќе неколку пати добиле зголемување на пензиите, откога е премиер Димитар Ковачевски. Како што појаснува премиерот, зголемувањето е направено откога се направило системско решение врз основа на швајцарски модел.

-За пензиите, ако има линеарно покачување, тоа зголемување ќе се одрази врз буџетот на Фондот и ќе не може да се исплати ниедна пензија. За една и пол  година имаме 26% зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9.000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари сега е 19.000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение кое е врз основа на швајцарски модел кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите согласно растот на просечната плата и трошоците на живот – вели Ковачевски.

Според него, пензијата е право што се остварува исклучиво од работен однос.

-Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и упатите. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците. Ако има линеарно покачување, тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој Фондот нема да може да издржат. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да можат да земат пензија“, додаде Ковачевски.

Премиерот кажа дека се работи на методологија за закон за минимална пензија.

Пензионерите бараат линеарно зголемување на платите за 3.500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18.000 денари. Во текот на вчерашниот ден во неколку градови на земјава, како и во Свети Николе  пензионерите повторно протестираа и бараа достоинствен живот.

Јованка Тренчевска, Министерката за труд и социјална политика деновиве кажа дека нивното министерство ќе покрене барање до Уставниот суд за да провери дали линеарното зголемување на пензиите е уставно. Таа потсети дека во времето кога Бранко Црвенковски бил премиер во 1997 година уставот линеарното зголемување на пензиите го прогласил за неуставно.

-Линеарно покачување, последното е со одлука на Влада во 2019 година, повикувајќи се на третиот основ за покачување на пензиите што постоеше тогаш во законот. Тоа беше доколку БДП е поголем од 5 проценти. И затоа е донесена одлука. Мислам дека беше 720 денари линеарно покачување. Во моментов нема таков основ во Законот. Тоа не е линеарно усогласување, туку е покачување на пензиите. Одлуката беше 5 проценти од сумата на пари за исплата на јануарската пензија во 2019 или во 2020 година, таа сума на пари да се распореди на сите пензионери и затоа произлезе за секој пензионер да треба да биде 720 денари, објасни Тренчевска.  

Што се однесува за платите и реакциите на синдикатите, Ковачевски вели дека веќе во изработка е закон за плати со кој ќе се регулираат и платите на избраните лица. Со тоа како што потенцира Ковачевски  ќе се стави ред,а не како што вели некои вработени во регулаторни тела да земаат поголеми плати од претседателот на државата.

(В.Ма.)