Ковачевски: Личните карти ќе важат за внатрешна употреба, ќе се разгледаат сите опции за пасошите

344

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека личните документи, како личните карти, што се за внатрешна употреба ќе важат и по истекот на рокот за нивна замена, а во однос на пасошите рече дека ќе се разгледаат сите опции.

Во врска со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за личните документи, Ковачевски  рече дека секоја иницијатива може да биде разгледана и дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење.

– Ние во различни одвоени средби, бидејќи Уставниот суд е највисоката судска инстанца, имаме разговарано на поединечно ниво во однос на тоа, рече тој.

Премиерот информираше дека вработените во Министерството за внатрешни работи веќе имаат издадено 1.200.000 пасоши во државата, што, според него, значи дека се работи со големо темпо.

– Јас знам дека сите сакаат повеќе да критикуваат, меѓутоа треба да се каже и фала на оние вработени кои работат деноноќно, и на сликање на граѓаните, и на изработка на документите, и на издавање на документите, така што 1,2 милиони пасоши не е мала бројка. Верувам дека ќе се продолжи со такво темпо, а ние ќе ги испитаме сите можности со цел доколку биде потребно да се направи пролонгирање во делот на пасошите, бидејќи тие им служат за граѓаните да можат да патуваат надвор од земјата, рече Ковачевски.