Книги од канадски автори, преведени на македонски и на албански од англиски и од француски јазик од повеќе наши издавачки куќи, се претставени во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во рамки на Деновите на канадската литература, кои до 15 февруари ги организира издавачката куќа „Феникс“ во соработка со Амбасадата на Канада.
Над десет македонски издавачки куќи во континуитет преведуваат дела од канадски автори. Најчесто преводите на книгите се финансирани преку европски проекти, мрежата „Традуки“ или преку годишната програма за издавачка дејност.
Меѓу авторите преведени кај нас се Робин Шарма, Леонард Коен, Менли Палмер Хол, Чарлс Тејлор, Ричард Вагамис, Доминик Фортје…, а Маргарет Атвуд, која во 2016 го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, е меѓу најпреведуваните.
На Деновите на канадска литература се претставени и преводи од двајца канадски автори, добитници на Нобеловата награда за литература – Сол Белоу (1976) и Алис Манро (2023).
Порака и покана да се читаат насловите од канадската книжевност упати Стефан Дион, специјален претставник на канадскиот премиер за Европа и амбасадор на Канада во Франција и Монако.
-Овде имате нобеловци, поезија, прекрасни приказни во кои ќе уживате, книги од одлични канадски автори/раскажувачи, рече Дион.
Марина Мијаковска, секретар за меѓународна соработка во ДПМ, соопшти дека околу 70 канадски автори се преведени на македонски јазик, што, рече, е импозантен број.
Но, смета дека и канадските читатели треба да се запознаат со македонски автори, затоа што освен песни од поети од земјава објавени во книжевни списанија, нема преводи на книги од македонски јазик во таа земја.
Мијаковска посочи дека е преведен само романот „Едно лето од љубов и пепел“ на Алина Апостолска, која живее во Канада, и дека книгите на иселениците во Канада најчесто самостојно ги издаваат македонските здруженија.
Во рамките на Деновите на канадската литература во наредната седмица ќе бидат одржани промоции, мини саем на книги и креативни работилници за деца и млади.