„Конци на судбината“ на Марија Дуењас е возбудлив историски и шпионски роман во кој се испреплетуваат високата мода, политичките заговори и тајните служби.
„Младата шивачка Сира Кирога во 1936 го напушта Мадрид спроти граѓанската војна за да замине со Рамиро, човек кого го познава кратко и во кого е лудо вљубена, оставајќи ги зад себе свршеникот и самохраната мајка. Се сместуваат во Танџир, светски егзотичен град, во кој водат живот од приказните. Но Сира доживува тешко предавство и останува сама, со долгови, принудена да се пресели во Тетуан, каде што со помош на пријатели со сомнителен углед отвора модно ателје за отмени клиентки. Во текот на подготовките за Втората светска војна во Европа, судбината ја поврзува со важни историски личности, меѓу кои Хуан Луис Бајгбедер, загадочниот министер за надворешни работи на Франко, Росалинда Фокс, неговата љубовница, и поморскиот аташе Алан Хилгарт, шефот на британското разузнавање во Шпанија. Тие ќе ја втурнат во тајна мисија чиј параван ќе биде нејзиниот занает…“, ќе посочи издавачот „Антолог“ кон книгата што ја издигна Дуењас на врвот на најчитаните автори во Шпанија.