“Клубот на непоправливите оптимисти“ е еден од најуспешните документарни романи во современата француска книжевност, во кој фикцијата на авторот се преплетува со реалните историски личности, како Жан-Пол Сартр и Албер Ками.
Авторот Жан-Мишел Генасијана на брилијантен начин ја доловува атмосферата во Париз во 50-тите години од 20 век, создавајќи прекрасна, меланхолична и трогателна приказна за детството и младоста поминати во еден бурен период од историјата на Европа. Мишел Марини има дванаесет години и неколку големи страсти – фудбалот, книгите и шахот.
Тие го водат во бистрото “Балто“, во еден од сиромашните квартови на Париз. Во тој легендарен ресторан има и една скришна сала, каде што Мишел ќе открие луѓе кои не се среќаваат често по париските улици, а кои се членови на шаховскиот Клуб на непоправливи оптимисти. Овде момчето ќе ја запознае судбината на многу луѓе кои побегнале од источната на западната страна на Железната завеса, но ќе ги сретне и великаните на европската филозофија и книжевност…
“Клубот на непоправливите оптимисти“ е своевидна ода на хуманизмот, младоста и човековата истрајност. Ова е една од оние книги што се прераскажуваат, се препрочитуваат и никогаш не се забораваат.