Книга за македонскиот музичар Горан Трајковски; ГоТра – Темниот Принц на македонската сцена

63

Горан Трајковски, човекот што е еден од зачетниците (првородениот син) на цела онаа дарк сцена обоена со византиското наследство, православното пеење од почетокот на осумдесеттите што подоцна го вклучи и македонското музичко културно народно наследство, најпосле доби книга напишана за него и за неговото творештво. Автор на книгата е новинарот Тошо Филиповска и во неа има повеќе од триста страници, многу фотографии, каде што поголем број новинари, критичари, музичари од Македонија и пошироко зборуваат, се сеќаваат, објаснуваат раскажуваат за него – Темниот Принц на македонската сцена.

А, неговиот музички животопис е неприкосновен, легендарен, што друго може да се очекува од оној што ги создаде или беше дел од „Падот на Византија“, „Апореа“, „Мизар“, „Анастасија“, „Мугер фугер“, самостојни дела. Штета е што тој прв бран од осумдесеттите не наиде на поширока реакција, немаше критична маса да го поддржи тој нов израз, таа нова идеја што се роди тука, во Македонија, од деца Македонци, кои ги истражуваа своите музички корени. И штета е што немаше тогаш поспособни музички критичари, менаџери, музичка куќа што ќе застанеше зад таквите изданија, кои, според длабочината и пораките на таа музика во тој момент, можеше да му ги продаде на светот. Се збореше дека тогаш, тука, во Македонија, треба да дојде Иво (еден од газдите) од лондонската издавачката куќа 4АD (Pixies, Coctau Twins, Dead Can Dance, The Breeders …), да ги види раѓањето и воздигнувањето на новиот музички израз, но, ете, не дојде. Тоа беше пропуштена шанса што се случува еднаш во сто години. Но, оној што има верба во она што го создава, оној што верува и живее за тоа, тој може да успее.

Горан успеа да се издигне највисоко, особено преку групата „Анастасија“, да ги доживее тие блескави моменти, тивко, ненаметливо, без големо его, едноставно и блескаво. Темниот Принц создаде историја вредна за почит и добро е што, ете, некој го препозна тоа и го стави во книга. Промоцијата се одржа неодамна на маргините на ПИН 2024 конференцијата („Пасворд продукција“), во Ликовниот салон во МКЦ. Преполната сала ги прими почитувачите на делото и на ликот на Темниот Принц, каде што, низ краток разговор, Горан објаснуваше, разговараше за своето творештво, кое трае повеќе од 40 години. Ако човек како Горан има вакво минато, кој знае каква иднина ќе создаде.

Љупчо Давчев