„Биро за проверка“ на Александар Архангелски е добитник на наградата „Бољшаја книга“ за 2018 година.
„Дејството на романот се вклопува во само девет дена од јули 1980 година, се одвива на територијата на Москва, при што Александар Архангелски, без никаква трага на носталгија или одвратност кон таа советска ера, многу успешно ја доловува атмосферата од тоа време.
И токму во тие девет дена, додека Москва ги слави и ги живее деновите на Олимписките игри и во исто време се збогува и тагува по поетот Владимир Висоцки, Алексеј Ноговицин, дипломираниот студент на хуманистичкиот универзитет (и главен лик во приказната), ги живее своите кобни денови од животот, кога сите негови надежи за убава иднина се претвораат во длабоки разочарувања. Романот зборува за младешката страст и желба за слобода и потребата да се има право на избор, кои во тоа време се чини биле луксуз.
И тоа е она што овој роман го прави своевиден портрет на една ера и заплет на денешните противречности. И што може да се именува како биро за проверка на човечката душа“, ќе посочи издавачот „Македоника литера“.