Книгата ја напишал преку пораки на социјална мрежа: Азилант во притвор доби највисока книжевна награда во Австралија

63

Бероуз Бучани е во притвор на островот Манус во Папуа Нова Гвинеја повеќе од пет години. Курдско-иранскиот барател на азил без државјанство, притворен од страна на австралиската влада неодамна ја освои највиско-платената книжевна награда во оваа земја, 125.000 австралиски долари. Но, тој не можеше да присуствува на свеченоста за доделата и да ја прими наградата. Во јавноста се огласи преку порака: “Верувам дека литературата има потенцијал да направи промени и да ги предизвика структурите на моќта. Книжевноста има моќ да ни даде слобода”

Курдско-иранскиот барател на азил без државјанство, Бероуз Бучани притворен од од страна на австралиската влада повеќе од пет години, неодамна ја освои највиско-платената книжевна награда во оваа земја, 125.000 австралиски долари. Бучани, писател, новинар и режисер, кој се наоѓа во притвор на островот Манус во Папуа Нова Гвинеја, ја освои Викторијанската награда за литература за 2019 година за неговата книга “Нема пријатели, освен планините” (No Friend but the Mountains), пренесе “Њујорк тајмс”. Но, тој не можеше да присуствува на свеченоста на доделувањето за да ја прими наградата.

Престижната награда, избрана од кратка листа на победници во други категории, ги вбројува најистакнатите писатели во земјата меѓу нејзините приматели.

Инаку, Бучани избегал од Иран откако полицијата уапсила неколку негови колеги- новинари и извршила рација во неговата канцеларија. Откако австралиската морнарица го пресретнала неговиот брод додека се обидувал да стигне до земјата, тој во 2013 бил испратен на островот Манус. Неговата книга, која ги споменува неговите искуства во притворот, е пишувана повеќе од пет години преку WhatsApp пораки на фарси јазикот испраќани до неговиот преведувач, Омид Тофиџан, кој ја примил наградата наместо него во Мелбурн.

Запрашан по телефон за наградата, Бучани изјавил дека се чувствува парадоксално.
“Среќен сум затоа што тоа е големо постигнување за мене и за сите бегалци, и тоа е победа против овој систем”, рекол тој, но страдањата што ги видел на островот Манус длабоко го натажиле.

“Стотици луѓе со години се одвоени од нивните семејства”, рекол, додавајќи дека живеат на место полошо од затвор.
Тој ја напишал книгата преку WhatsApp бидејќи во тоа време чуварите на притворскиот центар ги пребарувале собите во затворските простории и ги одземале телефоните. “Бев загрижен дека ако влезат во мојата соба ќе ми го одземат имотот што го поседувам”, рекол тој.

Инаку, според миграционата политика на Австралија, барателите на азил кои се обидуваат да влезат преку морето, не им е дозволено да влезат во земјата. Од 2013, повеќе од 3.000 бегалци и баратели на азил се испратени во Австралија во центрите за притвор на Република Науру и Манус островот. Всушност, владата на Австралија ја бранеше оваа политика како ефективна за да ги задржи шверцерите, но глобалните активисти за човекови права остро го осудија тоа. Во 2017 , австралиската влада го затвори центарот на островот Манус и ги префрли барателите на азил во алтернативни сместувачки капацитети.

Некои бегалци оттогаш биле преселени и во САД, но стотици луѓе како Бучани останаа во неизвесност.
“Иронично е што книгата што пишува за ужасната реалност на казнената политика за притвор на нашата влада се слави со добивање на таква престижна награда”, изјави Јана Фаверо, директорка за адвокатската канцеларија за застапување на Центарот за баратели на азил. “Иако работата на Бучани заслужува награда”, посочува таа: “тоа е по цена на неговата слобода”.

Типично, само австралиските државјани или постојаните жители ги исполнуваат условите за доделување. Но, исклучок беше направен во случајот со Бучани , бидејќи жирито сметаше дека неговата приказна е австралиска приказна, посочи Мајкл Вилијамс, директор на Центарот Вилер, литературната институција која ја администрира наградата во име на државата. “Ова е извонредно литературно дело кое има неизбришлив придонес за австралиското издаваштво и раскажувањето приказни”, рече Вилијамс.

Иако Бучани не можеше да ја прими наградата лично, писателот имаше претходно снимена порака за присутните: “Верувам дека литературата има потенцијал да направи промени и да ги предизвика структурите на моќта. Книжевноста има моќ да ни даде слобода”, рече тој во пораката.