„Тито: вечниот партизан“ е насловот на книгата на реномираната германска историчарка Мари-Жанин Чалиќ, што излезе од печат на македонски јазик во издание на „Или-или“, а која за читателите е биде достапна од 29 ноември, симболично, на Денот на Републиката на поранешната Југославија. Преводот од германски е на Ксенија Чочкова и е поддржан од фондацијата „Традуки“.
-Оваа биографија на Јосип Броз Тито нуди длабок истражувачки и сеопфатен увид во животот на една од највлијателните фигури на 20 век на Балканот и пошироко. Чалиќ мајсторски ја претставува сложената историска заднина и политичките предизвици со кои се соочувал Тито, давајќи уникатен поглед на неговата улога како партизан, државник и лидер на Движењето на неврзаните. Со дистанца од 40 години, германската историчарка на околу 400 страници пишува за комплексниот, но и многу флексибилен политички лик. Пред својата смрт Тито важел за меѓународно признат државник, денес, пак, многумина го сметаат за брутален диктатор. Но, што бил тој навистина? Чалиќ ја открива историската личност зад легендите и ја раскажува приказната за еден авантуристички живот што го отсликува подемот и падот на Југославија, посочува издавачот.