Книгата „Каприча“ на Османли објавена на српски јазик

61

Издавачката куќа „Прометеј“ од Нови Сад ја објави прозната книга „Каприча“ на нашиот писател Томислав Османли. Преводот од македонски е на Зоран Ж. Пауновиќ, веќе редовен соработник на српските изданија од книжевни творби на Османли.

Македонското издание на „Каприча“ се појави во издание на „Магор“ во 2009 година. За српското издание, кое содржи дваесетина куси и подолги прози, авторот го модеификуваше нејзиниот оригинален наслов, и таа таму се појавува под игривиот, компонибилен наслов „Збир-ка-прича“.

Оваа прозна книга го носи поднасловот „Елегии и гротески – апсурди во проза“ и претставува иронично, елегично, но и хуморно, саркастично авторско доживување на стварноста кои Османли ги именува „каприча“. Нив ги крактеризира и специфична вербо-визуелна градба, со тоа што прозите се проследени со авторовиот избор на разновидни „асоцијативни илустрации“ на дела од познати автори на сликарството и графичките дисциплини.

Османли и е добро познат на српската книжевна јавност. Покрај многубројните книжевни објави во тамошната печатена и електронска периодика и по појавата на романите „Дваесет и првиот“ („Дерета“, Белград, 2014 ) и „Зад аголот“ („Албатрос плус“, Белград, 2017), ова е трета книга која нашиот автор ја објавува во соседната книжевната средина. Сега и „Каприча“ на Томислав Османли се појавува кај „Прометеј“ од Нови Сад, трета угледна куќа што со три награди добиени последниве четири месеца, потврдено е прогласена за најдобро книгоиздателство на Србија.

Книгата „Збир-ка-прича“, српското книгоиздателство „Прометеј“ ја објавува со поддршка на македонското Министерство за култура.