Клучни стратешки проекти во Македонија кои може да влезат во Гинисовата книга на рекорди

Да се гради пруга еден и пол век, како што е нашата пруга кон Бугарија, тоа е рекорд што слободно може да влезе во Гинисовата книга во која, според времето на градење, може да влезат уште неколку стратешки проекти што ги анализираше весникот ВЕЧЕР, како автопатот Кичево – Охрид, гасоводот, браната „Конско“, Универзална сала, булеварот „Борис Трајковски“ ...

639

Светлана Блажевска

Во Кина се гради болница за една недела, хотел од 15 ката за само шест дена или, пак, за само пет и пол часа, илјада работници да успеат да ги заменат шините на железничка пруга во должина од 37,9 километри за да се овозможи да се движат возовите со брзина од 200 километри на час. Некој ќе рече, тоа е Кина, земја со најбројна популација, но и е на врвот, ако не и технолошки најразвиена во светот.

Но, да се гради пруга еден и пол век, како што е нашата пруга кон Бугарија, тоа е рекорд што слободно може да влезе во Гинисовата книга во која, според времето на градење, може да влезат уште неколку стратешки проекти, како автопатот Кичево – Охрид, гасоводот, браната „Конско“, Универзална сала, булеварот „Борис Трајковски“ од Кисела Вода кон скопско Драчево и многу други.

ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА

Пругата кон Бугарија е проект рекордер, ветуван 31 година, од осамостојувањето на Македонија, но идејата за негова реализација датира уште од пред еден и пол век. Тоа е период во кој на трасата на Коридорот 8 се испречувале војни, преврати и политички притисоци, кои ја пролонгирале изградбата. За првпат таа траса е проектирана и ставена на хартија уште во 1869 година и многу пати оттогаш пругата почнувала да се гради, меѓутоа сите обиди биле неуспешни. Интересно е што секогаш кога требало да се почне да се гради делот во Македонија, бидејќи целата траса поминува и низ Бугарија и низ Албанија, каде што веќе има изградено пруга, во делот низ Македонија имало некои збиднувања, дали тоа биле војни, преврати, промени на влади и така натаму, па досега не бил изграден Коридорот 8 низ Македонија.

Последниве години има придвижување на градежните активности за изградба на пругата, се обезбедуваат средства за негова изградба по фази. На првите две фази работите се одвиваат со интензитет, а за третата фаза, кон крајот на минатата година, беше објавен тендер за изведувач на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Рокот за доставување на понудите беше 28 март 2024 година, додека рокот за изградба на оваа делница е 5 години. Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунела во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри. Исто така, треба да се изгради и железничка станица во Крива Паланка, како и станица во с. Жидилово. Парите што се потребни за изградбата на оваа делница, над 500 милиони евра, се веќе обезбедени: по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, 149,2 милиони евра како инвестициски гранд од Инвестициската рамка за Западен Балкан и 60,2 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ.

Последна фаза од изградбата на Коридорот 8 ќе биде делот од Кичево до Лин, за кој се потребни уште 550 милиони евра. Проектите се готови и предвидуваат експропријација, поради што од „Македонски железници“ велат дека ќе им требаат две години за подготовка за градење. Крајниот рок за комплетирање на Коридорот 8 е 2025 година, доколку не се појават непредвидени работи.

АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД

Долго време се влече изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Во 2014 година беше фрлена првата лопата и оттогаш автопатот го следеше тежок период и на изградба, но и на решавање на проектните задачи, бидејќи немаше проекти за многу проблеми што се јавија. Многу од нив се проектираа во од и во соработка со Градежниот факултет се наоѓаа најоптимални технички решенија, со цел работите на терен да не запрат.

Цело време се нижеа рокови за завршување, но до ден-денеска никако да му се види крајот на овој објект, кој, според времетраењето на градење, исто така може да влезе во книгата на Гинисови рекорди. Со право критичарите велат дека да се изведувале по два километра автопат годишно од македонската самостојност во 1991 година до денес, автопатот Кичево – Охрид досега ќе бил готов.

Првичната проценка беше дека ќе чини 411 милиони евра. Последниот ревизорски извештај покажа дека за еден километар од автопатот се трошеле по 9 милиони евра. Поради непредвидени работи што се јавувале во текот на градењето, изградбата поскапела за дури 45 %, но се појавиле и куп други причини што го пролонгирале крајниот рок.

Автопатот Кичево – Охрид деновиве од Владата доби нов, последен рок за завршување. Овој пат, министрите во техничката Влада одредија сечењето на црвената лента на автопатот со должина од 57 километри, кој почна да се гради во 2014 година, да се случи некаде кон крајот на 2026 година.

Првичните проекции беа дека ќе биде готов во 2018 година, но беа утврдени пропусти во трасата и беше продолжен рокот за изградба до јуни 2021. Последните најави од Владата беа дека ќе биде готов до крајот на 2023 година, но се продолжи неговата изградба. Доколку се остварат последните најави, целиот проект за автопатот ќе трае околу 13 години.

ГАСОВОДОТ

Изградбата на националниот гасовод е, исто така, рекордер по градење. Почна во март 2015 година, од кумановско Клечовце и тогаш беше речено дека со него се испишува нова ера во енергетиката, затоа што треба да ги намали трошоците за енергија и на граѓаните и на фирмите. Но, и на овој капитален проект не му се гледа крајот.

Државата, преку Бирото за процена, лани во ноември правеше анализи на вредноста на експропријациите на проектите што требаше да бидат завршени години наназад. Во тогаш објавениот стратешки план за 2024-2026 на поранешното Биро за судски вештачења пишува дека, во првата половина на 2023, како најзначајни процени што се реализирани, меѓу другото се и оние за изградба на магистрален гасовод делница Скопје – Тетово – Гостивар и за изградба на брана и акумулација „Конско“, со придружни објекти.

Трасата за магистралниот гасовод Скопје – Гостивар е над 90 отсто завршена уште во 2020 година, а остатокот на недовршената работа се должи на спорови околу експропријацијата и тоа најчесто поради оспорување на висината на обесштетувањето. При планирањето на проектот, средствата за експропријација не биле испланирани. Изградбата на делницата Скопје – Тетово – Гостивар беше започната пред осум години, но гас низ цевките и натаму нема.

БРАНА „КОНСКО“

Браната „Конско“ беше проектирана во текот на 2016 година, беа одобрени средства и требаше да почне да се гради на почетокот од 2017 година, со поставена цел да биде завршена до крајот на 2019 година, но здравствената криза, бавната работа на некои институции, како и задоцнетото пристигнување на специјални материјали и опрема од странство, кои се дефицитарни кај нас, придонесоа да се продолжи предвидениот рок за завршување на градежните работи.

Изградбата на оваа брана почна во јули 2018 година, а градбата заврши сега, во март 2024 година, односно речиси по шест години. По ова, треба да следува период на полнење на браната и период на неопходно тестирање, по што ќе биде пуштена во употреба. Стручните лица од фирмата изведувач тогаш нагласија дека ќе ѝ треба на браната, чиј капацитет на акумулација изнесува 21 милион кубни метри вода, време за полнење од една до две години, во зависност од количината на врнежи во тој период.

Инаку, браната „Конско“ е најголем капитален проект во Општина Гевгелија, во изминативе 50 години.

БУЛЕВАРОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Проектот за реконструкција и проширување на улицата „Борис Трајковски“ на ниво на булевар датира уште од 2011 година и во неколку етапи тесната улица, која порано беше синоним за метеж и нервоза, се претвори во широк булевар со четири коловозни ленти и со други придружни содржини.

Почна проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија. Вкупната инвестиција е 3,7 милини евра, а реализацијата на проектот е од особено значење за жителите од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и на сите околни населени места, кои гравитираат во овој регион.

Претходниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, го започна проширувањето во јуни 2021 година, на делот од крстосницата кај населбата Пинтија до мостот на Маркова Река пред населбата Драчево, во должина од 2.325 метри. Тоа е последната и четврта фаза.

По преземањето на власта, актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, неколку пати вршеше увид во проектот, најавуваше негова брза реализација, но и ден-денес оваа клучна сообраќајница е нефункционална. За причините за доцнењето на изградбата, Арсовска се правда со наводно неплански почеток на градбата, нерешавање на имотноправните односи и други предизвици, кои таа потоа ги решавала.

Во моментов, околу 35 000 граѓани, кои го користат булеварот, имаат отежнато движење, бидејќи работите се одвиваат бавно, често пати има стеснување на коловозот поради изведба на градежни работи. Движењето е дел по тампон, дел по дупки и за нешто повеќе од два километра, граѓаните чекаат асфалт повеќе од една деценија.

УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Универзална сала беше затворена од март 2015 година. Реконструкцијата на култната сала што требаше да биде проект низ кој требаше само да се протрча, еден период едноставно запре. Ексградоначалникот Петре Шилегов ја почна првата фаза од реконструкцијата во септември 2021, непосредно пред локалните избори. Се работеше не цел месец, по што, со доаѓањето на Данела Арсовска на функција, работите беа стопирани и салата две години стоеше разурната и отворена. Арсовска тогаш велеше дека нема да ја гради Универзална оти проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.

Во јули минатата година, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура, кое ги продолжи работите. За годинава, обезбедени се 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години – за 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и таа таа сума се предвидува и за во 2026 година. Реконструкцијата треба да биде готова за три години.

Ако сè биде според новиот рок, вратите на новата Универзална сала ќе се отворат во 2026 година, значи единаесет години ни требаат за да блесне во нов сјај и во ново руво.