Македонскиот кларинетист Благој Ламњов, кој долги години живее и работи во Шведска, го сними својот втор албум насловен „Носталгична љубов 2“. Албумот ќе биде објавен на 1 ноември на секоја музичка платформа (Spotify, Amazon, Apple Music, iTunes, Deezer, Tidal итн…), како и на платформата за бесплатна слушање BandCamp и на неговиот YouTube канал Благој YouTube.

Исто така, ќе може лесно да се пристапи и преку веб-страницата www.blagoj.se.

„Два и пол исцрпувачки, но неверојатни и среќни денови во одличното студио Gula во Малме, Шведска. Јас, шест вистински инструменти (БЕЗ електроника) и големиот инженер за звук Дејвид Карлсон. Сè е снимено за два и пол дена! Кларинет, пијано, акустична гитара, акустичен бас, перкусии, малку глас и вистински морски бранови… Снимав покрај Јадранското Море на моето омилено место во Хрватска. И сам ги снимив сите инструменти. Научив многу, горд сум, среќен сум и плачам кога го слушам албумот! Секоја песна од овој албум има приказна и секоја песна има внимателно одбрано име што ми значи и е емотивно поврзано со мене“, вели Ламњов.

Како што додава албумот се состои од прекрасни мелодии кои ги одржува во живот со неговиот начин на интерпретација.

„Фокусот е ставен на интерпретацијата на кларинет, користејќи ја убавата западна класична традиција и фразирање, притоа задржувајќи ги македонските народни орнаменти. Повеќето од песните се напишани од мене, инспирирани од прекрасната музика што веќе ја имаме во нашиот свет. Има и неколку традиционални мелодии“, додава Ламњов, кој открива дека за неколку дена ќе објави краток трејлер од сесијата за снимање, а наскоро ќе ги објави и сите имиња на песните.