Во Скопје расте цената на квадратот, но расте и цената на изнајмувањето на становите. Во главниот град веќе не може да се изнајми стан под 200 евра. Цените на кириите на становите од 40 до 60 квадратни метри, кои се најбарани, се движат од 200 до 300 евра. Од агенциите за недвижности велат дека растот на цената за изнајмување се должи на зголемената побарувачка. Оттаму велат дека внатрешната миграција во државата последниве години зема замав, а во Скопје, освен студенти и работници, освен студенти и работници од другите градови има и странски работници.
И градежниците велат дека главни причини за порастот на кириите се зголемената побарувачка и растот на цената на квадратот. Големо влијание има и напливот од странски студенти, особено на Турци, но и недостигот на работна сила, поради што голем дел од работниците од внатрешноста доаѓаат на работа во Скопје и изнајмуваат станови.
– Со растот на цената на квадратот се зголемува и цената на изнајмувањето. Генерално, еден дел од сопствениците ги купуваат становите наменски да ги изнајмуваат. Тие се водат од логиката дека подобро е да ги вложат парите во недвижности отколку да ги чуваат во банка, бидејќи каматите на штедните влогови паднаа. Тоа е логиката кај граѓаните да ги вложат парите во нешто што им е посигурно и во нешто што може да им обезбеди побрз поврат на вложените средства. Поради тоа, голем дел од сопствениците ги креваат кириите за да можат побрзо да ги повратат вложените средства – вели за ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.
Тој додава дека пазарот не би ги прифатил овие цени доколку има помала побарувачка. Во овој случај, пазарот е меродавен и тој е главниот фактор што ја крева цената на квадратот за изнајмување.
– Ако во моментот има поголема побарувачка, се зголемува цената на изнајмувањето, што не е проблем за странските студенти и работници, туку за домашните, кои се ставени во понезавидна состојба бидејќи имаат помал стандард – додава Велковски.
Според него, цената на изнајмувањето уште повеќе ќе расте, бидејќи многу брзо ќе имаме увоз на работна сила, што уште повеќе ќе ги зголеми кириите.
И од агенциите за недвижности велат дека со растот на цената на квадратот се зголемува и цената на изнајмувањето, а како главен фактор за растот ја наведуваат зголемената побарувачка.
Во Скопје, најбарани за изнајмување се становите од 40 до 60 квадратни метри, а кириите за нив се движат од 200 до 300 евра. Додека наместените се изнајмуваат за повисока цена.
– Разликата во цената меѓу опремен и неопремен стан е околу 100 евра. Наместените станови се издаваат поскапо за 100 евра. Во однос на цената на изнајмувањето, голема улога игра дали се работи за нов, стар или за реновиран стан. Исто така, голема улога во цената на изнајмувањето игра и населбата. Најскапо се изнајмуваат становите во Центар, Аеродром и во Карпош. Се бараат станови и во Кисела Вода и во Чаир, но понудата во овие населби е многу мала, па поради тоа, становите што се изнајмуваат држат цена – вели за ВЕЧЕР Александар, сопственик на агенција за недвижности во Скопје.
Што се однесува до деловниот простор, има хиперпродукција и цените на закуп паѓаат. Така, во Скопје може да се најдат дуќани што се изнајмуваат и за 50 евра.
(А.С.)