„Програмата на Кинотеката како и секоја година ќе биде ‘шарена’ т.е. составена од филмови од различни жанрови, родови, различна ‘националност’, различни од она што може да се види на ТВ. Во Кинотеката годинава остануваат традиционалните фестивали како Филозофскиот, Скопскиот, Анимакс, Нем и класичен, Киненова, Про-за Балкан… Остануваат промоциите на нашите домашни филмови, а остануваат и традиционалните рубрики“, вели за весникот ВЕЧЕР, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

Македонски филмови од најновата продукција, како и анимирани остварувања наменети за младата публика ќе го означат првиот месец од 2023 во Кинотеката. Од денес (12 јануари) започнува традиционалното „Кино утро“, кое за љубителите на филмови до 21 јануари ќе донесе по три филмски проекции дневно во попладневните и вечерните часови, а на програмата се наслови пред сè наменети за деца, кои ќе ги прикажат некои од најпознатите негативци од филмското платно. Станува збор за анимираните филмовите „Лил, Лил, крокодил“ (Lyle, Lyle, Crocodile), „Кошмар пред Божиќ“ (The Nightmare Before Christmas), „Кашеј: Крадец на невести“ (Koshchey. Pokhititel nevest), „Авантурите на Финик“ (Finnick), „Мињони: Подемот на Гру“ (Minions: The Rise of Gru) и играниот „Макс и бесната дружина“ (Max und die wilde 7).

Сцена од „Снежана на крајот умира“

На крајот на јануари, пак, следуваат два македонски играни филмови од најновата продукција. Станува збор за дебитантскиот игран долгометражен филм „Снежана на крајот умира“ (Snow White Dies at the End) по сценарио и во режија на Кристијан Ристески, со Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев. Филмот, што ќе може да се види на 23, 25 и 30 јануари, имаше светска премиера на „Слемденс“ во САД, еден од највлијателните фестивали на независниот филм, а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Сцена од „Најсреќниот човек на светот“ 

Вториот македонски филм е петтиот игран наслов на Теона Митевска, „Најсреќниот човек на светот“ (Luckiest Man in the World), чиј косценарист е Елма Татарагиќ, а имаше светска премиера во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециската Мостра, а потоа учествуваше на десетина фестивали низ светот. Новиот филм на Митевска, со Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска, Ксенија Маринковиќ во главните улоги, беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“. На програмата ќе биде на 26, 30 и 31 јануари.

Сцена од „Од рајот“

Освен македонските, публиката ќе може да погледне и еден српски наслов со малцинско македонско продукциско учество. „Од рајот“ (Nebesa) на сценаристот и режисер Срѓан Драгојевиќ публиката ќе може да го погледне на 23, 25, 26 и 31 јануари. Во неговата сторија составена од три приказни за трите божји чуда играат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ и Бојан Навојец. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно.

Сцена од „Презир“

Како дел од редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, на 27 јануари во Кинотеката ќе се прикаже и филмот „Презир“ на Жан-Лук Годар.

„Програмата на Кинотеката како и секоја година ќе биде ‘шарена’ т.е. составена од филмови од различни жанрови, родови, различна ‘националност’, a често различни затоа што се различни од она што може да се види на ТВ. Почнавме со два македонски филмови ‘Снежана на крајот умира’ и ‘Кајмак’ на кои го придруживме ‘Од рајот’ на Срѓан Драгојевиќ, филм што е македонска копродукција. Како и секоја година одиме и со киноутро, но годинава имаме и филм за ‘големи’ деца односно култниот ‘Кошмар пред Божиќ’, филмски проект на Тим Бартон, кој годинава полни 30 години и ќе го прикажеме од 19 часот. Кон крајот на јануари на ‘Снежана…’ и ‘Кајмак’ им се придружува најновиот филм на Теона Митевска, ‘Најсреќниот човек на светот’“, вели за весникот ВЕЧЕР Владимир Ангелов, директор на Кинотеката.

Како што додава тој, во Кинотеката годинава остануваат традиционалните фестивали како Филозофскиот, Скопскиот, Анимакс, Нем и класичен, Киненова, Про-за Балкан… „Остануваат промоциите на нашите домашни филмови, а остануваат и традиционалните рубрики. Ќе имаме уредник со причина од Србија. Се работи за диџејот Владимир Скочајиќ и продолжуваме со гости режисери, автори и филмаџии. Се надеваме на Теона Митевска. Чекаме режисерот Јанко Балјак да дојде со темата на неговиот филм – Желимир Жилник. Сакаме да направиме ретроспектива на Форман – чешките и американските филмови, се надеваме сите. Ќе ја претставиме црногорската кинематографија и сакаме да прикажеме исцрпна ретроспектива (6-7 денови) на славната загрепска школа на анимиран филм која го донесен единствениот Оскар на југословенската кинематографија. Одличните врски со Бугарската кинотека ќе ги продолжиме со презентација на документарни филмови и работиме и на прва соработка со Грчкиот филмски архив на прикажување на ретроспектива на филмови со неодамна починатата меѓународна ведета Ирене Папас…“, посочува Ангелов.

Тој воедно најави и промоции на списанието „Кинопис“ и на две книги, една на Дина Јорданова посветена источноевропската кинематографија и биографијата на Буњуел со поддршка на Шпанската амбасада. „И не заборавајте дека во Кинотеката има најмалку две проекции дневно, секој ден освен во недела, а програмата може да се провери онлајн на kinoteka.mk“, додава Ангелов. (Н.И.Т.)