Кинеската амбасада во Литванија времено ги суспендираше конзуларните услуги од технички причини, се наведува во соопштението на веб-страницата на тоа дипломатско претставништво, кое беше отстрането набргу по неговото објавување.
Соопштението на кинеската Амбасада е објавено во 13:36 часот, а повлечено по 14 часот.
Соопштението беше издадено откако Кина во неделата го намали нивото на дипломатски односи со Литванија под нивото на амбасадори, како дополнителен одговор на одлуката на Вилнус да отвори дипломатско претставништво во Тајван, кој е дел од кинеската територија.
Кина претходно го протера литванскиот амбасадор од Пекинг и го повлече својот амбасадор од Вилнус.
Портпаролката на кинеското Министерство за трговија, Шу Јуетинг денеска изјави дека потегот на Литванија сериозно ја загрозува довербата на компаниите на двете земји и дека таа држава мора да сноси последици.
Таа додаде дека Пекинг го повика Вилнус „итно да ја повлече погрешната одлука“ и да ја исполни својата посветеност на принципот „една Кина“.