Кинезите треба да ја продадат Тик-Ток, инаку ќе се забрани во САД

165

Kинеската компанија Byte Dance има шест месеци да ја отфрли и продаде апликацијата Тик-Ток или таа ќе биде забранета во САД. Ова е предвидено со нацрт законот што едногласно го одобри клучниот комитет на Претставничкиот дом на САД.

Евентуалното гласање на Претставничкиот дом се очекува кон крајот на оваа недела, додека претседателот Џо Бајден најави дека е подготвен да го потпише законот.

Апликацијата Тик-Ток има 170 милиони корисници во САД.

Неуспешен обид за нејзина забрана во 2020 година имаше и Доналд Трамп, а таа како наводна безбедносна закана им боде очи не само на Американците, туку и на многу западни земји, кои лани исто така  се обидоа да го ограничат пристапот до оваа масовно популарна апликација за кратки видео записи.

Водачот на мнозинството во Претставничкиот дом, Стив Скализ, на платформата Х рече дека пратениците оваа недела ќе гласаат „за да го принудат Тик-Ток да ги прекине своите врски со Кинеската Комунистичка партија“. Според Byte Dance, пак, законот е всушност забрана и не е јасно дали Кина ќе одобри каква било продажба и дали би можела да биде продадена за шест месеци.

-Владата се обидува да им го одземе уставното право на слободно изразување на 170 милиони Американци, соопшти компанијата по гласањето на комитетот во Конгресот.