Брзото закрепнување на Кина од пандемијата, заедно со недостигот на контејнери и зголеменото време на испорака, го направија железничкиот превоз на стоки кон Европа преку Азија и Русија попривлечен за Небесното царство, пишува „Фајненшл тајмс“.
Весникот посочува дека на овој начин кинеските производители се обидуваат да избегнат одложувања во испораката на стоки до ЕУ. Во првите два месеци од 2021 година, 2.000 товарни возови заминаа од Кина за Европа, што е двојно повеќе отколку во истиот период минатата година.
Како што објасни Нина Фанг, специјалист за продажба во компанија за справи за вежбање, производите обично се транспортираат преку море, но зголемувањето на трошоците за транспорт принуди да се бараат алтернативи. Покрај тоа, главните клиенти во Европа, како Германија и Франција, според експертката, се жалат на ниската ефикасност на водениот транспорт и даваат можност за промена на опцијата за испраќање стока.
Блокирањето на Суецкиот Канал од страна на бродот со контејнери „Евер гивен“, исто така, влијае на промената на логистичките приоритети. Оваа недела бродот долг 400 метри се насука на трговска рута од 151 километар, блокирајќи го каналот. Блумберг проценува дека преминот е затворен за бродови кои превезуваат товар од 10 милијарди долари. Некои сопственици на бродови одлучија да ја сменат својата рута – да ја заобиколат Африка, што ќе го зголеми периодот на пловење за неколку недели.