Килограм пипер над 250 денари, пораснавме со ајвар и полнети пиперки сега можеме само да ги сонуваме

Еден килограм пипер колку еден килограм месо. Во последно време, граѓаните се фрапирани од цените на зеленчукот. Во маркетите, килограм пипер се продава за 250 денари, доматите за 150 денари, а краставиците од 100 денари, па нагоре. Граѓаните велат дека кога дошло ред ние што сме пораснале со шопска, ајвар и полнети пиперки сега да не можеме да си ги дозволиме, што ни останува за друго. Велат, како си дозволивме да дојдеме до оваа дереџе од изобилство на пиперки и на домати да немаме доволно за јадење и да ги плаќаме скапо

2820

Еден килограм пипер колку еден килограм месо. Во последно време, граѓаните се фрапирани од цените на зеленчукот. Во маркетите, килограм пипер се продава за 250 денари, доматите за 150 денари, а краставиците од 100 денари, па нагоре. Граѓаните велат дека кога дошло ред ние што сме пораснале со шопска, ајвар и полнети пиперки сега да не можеме да си ги дозволиме, што ни останува за друго. Велат, како си дозволивме да дојдеме до оваа дереџе од изобилство на пиперки и на домати да немаме доволно за јадење и да ги плаќаме скапо.

И експертите се согласуваат дека македонското земјоделство е уништено, во Македонија, која важи за земјоделска земја, краставиците, доматите и пиперките станаа луксуз. Од извозници на земјоделски производи станавме  увозници и наместо домашни, јадеме земјоделски производи од Албанија, Грција, Турција…

– Килограм пипер колку килограм месо, тоа не било никогаш. Причина се неисплатливоста на земјоделството и високите маржи на трговците, кои се повисоки од 50 отсто. Трговците земаат големи маржи, а земјоделците не може да ги покријат трошоците. Ако се соберат профитите на увозниците, прекупците, трговците, на крајот производите излегуваат многу скапи. Граѓаните ги плаќаат сите тие профити преку повисоките цени на земјоделските производи – вели за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор Илија Каров.

Тој вели дека и покрај тоа што оваа зима била блага и немало големи трошоци за загревање на оранжериите, цените на градинарските производи се четири пати повисоки од лани.

– Причината за високата цена на пиперот, кој надминува 250 денари во маркетите, е тоа што сите сакаат да ќарат од него. Тука се домашните земјоделци, откупувачите, прекупците и пилјарите, што значи дека еден производ поминува низ четири раце и сите сакаат да живеат од килограм пипер. Цената воопшто не е реална, но таа е резултат на лошата земјоделска политика во изминативе години. Од тоа најмногу трпат граѓаните, кои за пет пиперки плаќаат колку за килограм месо, а некои и воопшто не може да си ги дозволат – додава Каров.

Земјоделците велат дека поминало тоа време кога пиперките и доматите се откупувале за смешни пари, кога скапувале во камионите и кога морало да ги истураат по нивите за да скапат.

Во Струмица, откупната цена на доматите е 100 денари, а на краставиците 70 денари за килограм, што е многу со оглед на тоа дека пред неколку години се откупуваа за 20 до 30 денари за килограм.

– Пиперот е скап, бидејќи сè помалку се сади, а логично е тоа што малку го има да е скапо. Така ќе биде и со другите земјоделски производи, сè помалку ќе ги има и ќе бидат сè поскапи. Освен намаленото производство, зголемените трошоци за репроматеријали, скапите ѓубрива…, значаен фактор е и немањето работници. Секако, тука е и намалената куповна моќ на граѓаните, кои со ниските плати не може да си дозволат да купат килограм пипер – вели за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатите на земјоделски производители од Струмица.

И на зелените пазари се жалат дека, поради високите цени, прометот им е многу опаднат, како што ги вадат производите на тезга така ги враќаат назад. Велат дека никогаш не било вака, граѓаните само прашуваат, а ретко купуваат.

Граѓаните велат дека веќе не може да си дозволат да купат пиперки, краставици и домати бидејќи се многу скапи. Со парите што треба да ги дадат за нив, ќе купат месо. Велат дека е жално ние што живееме во земјоделска земја и сме растени со домати, краставици и со пиперки, сега да не можеме да си ги дозволиме.

(А.С.)