Киев тврди: Москва минатата година, и покрај санкциите, увезла компоненти за воената индустрија од Западот

52

Во првите 10 месеци од 2023 година и покрај санкциите воведени кон Москва, западните компании и доставиле на Русија компоненти за воената индустрија во вредност од 2,9 милијарди долари, соопшти денеска кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Увозот на воена стока во Русија во 2023 година изнесуваше 90 отсто од вкупниот увоз што беше регистриран пред инвазијата на Украина во февруари 2022 година“, објави кабинетот на Зеленски, повикувајќи се на истражувањето на работната група предводена од украинскиот претседател, неговиот началникот на кабинетот Андриј Јермак и поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол.

Се додава дека во примероците на уништено или заробено руско оружје биле пронајдени производи на повеќе од 250 западни компании, пренесува Ројтерс.
Истражувањето ги опфаќа руските обиди да ги заобиколи санкциите за да го контролира извозот на воена стока.

Официјален Киев врши притисок врз сојузниците да ги заострат санкциите кон Русија и да ја зајакнат контролата на извозот, предупредувајќи дека официјална Москва се уште е во состојба да увезува воена стока за потребите на воената индустрија и војната во Украина, наведува британската агенција.