Цените на кириите растат побрзо од цените на становите. Овој тренд е особено изразен во последниве неколку години, поради големиот раст на цените на становите. Познавачите на состојбите на пазарот коментираат за весникот ВЕЧЕР дека причината за растот на цените за изнајмување е поради големата побарувачка. Освен студенти од внатрешноста на државата и млади брачни двојки, во Скопје има сè поголем број странци, студенти, работници што изнајмуваат станови. Поради тоа, очекувањата се дека кириите за становите нема да паднат во догледно време.
– Побарувачката во голема мера ја надминува понудата, поради тоа цените за изнајмување растат. Од друга страна, поради високата цена на квадратот, многу млади не сакаат да ризикуваат да купат стан на кредит и сè почесто се решаваат да изнајмат. Во Скопје, цените за изнајмување се од 200 евра, па нагоре, но има и станови што се издаваат по 500-600 евра месечно. Цените зависат од тоа дали се работи за стар, нов стан, од локацијата, од тоа како е опремен. Не може да ви издаваат луксузен стан што е опремен со мебел од 30 илјади евра, за 200 евра месечно. Ако сакате да плаќате помалку за кирија, има, на пример, катови од куќи на периферијата од градот, кои се изнајмуваат за 150 евра месечно – велат за весникот ВЕЧЕР од една агенција за недвижности.
Сè почесто младите се решаваат за изнајмување станови, бидејќи им е поризично да купат стан на кредит поради високите каматни стапки и несигурните работни места. Од друга страна, новите станови на добри локации се поскапи и не може да си дозволат да купат таков, па поради тоа, почесто се решаваат да изнајмат.
– Кириите за становите најмногу зависат од локацијата. Така, на пример, во Карпош, во близина на факултетите, и старите станови со стар мебел ги издаваат скапо – велат од агенциите.
И градежните експерти се согласуваат со фактот дека големата побарувачка на станови за изнајмување ги држи кириите високо. Тие не очекуваат дека ќе паднат кириите, со оглед на тоа што Скопје е преполно со студенти од внатрешноста и со странци, кои доаѓаат во Македонија да студираат или да работат.
– Младите тешко се одлучуваат да купат стан, и одат под кирија. Поради големата побарувачка, цените на кириите растат. Има многу млади од внатрешноста, кои доаѓаат во Скопје да студираат и да работат и изнајмуваат станови. Ние постојано зборуваме дека е потребен регионален развој, односно отворање повеќе училишта и факултети и во другите градови во државата за да може да ги задржат младите. Не може сè да биде сконцентрирано во главниот град – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.
Според него, младите не се решаваат да купат стан поради високите цени и поради тоа што станбените кредити не се поволни, односно каматните стапки се високи во споредба со платите.
– Изнајмувањето станови е профитабилен бизнис. Некои граѓани имаат по 2-3 стана и покај тоа што немаат потреба од нив. Вложувањето во недвижности сè уште важи за сигурен и профитабилен бизнис. Граѓаните сè поретко се решаваат да ги орочат парите во банка, бидејќи нема високи камати и поради тоа, купуваат недвижности и ги изнајмуваат – објаснува Велковски.
Во државата има сè поголем број странски студенти, туристи, работници, кои, исто така ,изнајмуваат станови, па поради тоа, има зголемена побарувачка. Според експертите, сè додека побарувачката за изнајмување станови е голема, цените на кириите нема да паднат.
Овој тренд е присутен и во Европската Унија, каде што цените на кириите растат побрзо од цените на становите. Во четвртиот квартал од 2023 година, цените на становите пораснале за 0,2 отсто во споредба со тој период претходната година, додека кириите пораснале за 3 отсто, покажуваат податоците на „Евростат“.
И во Германија, каде што одат голем дел од Македонците на работа, е забележан раст на кириите. Во првиот квартал, станбените недвижности во Германија биле за 4,3 отсто поевтини во однос на тој период минатата година, објави германското Здружение на банки.
Цените за изнајмување нови станови, во исто време, пораснаа за 5,6 отсто. Трендот на раст на кириите нема да попушти во блиска иднина, сметаат од ова Здружение. Како што забележуваат, кириите во Германија растат поради недостигот на станбен простор, во услови на големи градежни трошоци и кредити, кои ги забавија градежниот сектор и побарувачката. Пазарот за изнајмување станови е под огромен притисок. Побарувачката во голема мера ја надминува понудата и поради тоа, кириите ќе растат.
(А.С.)