Драматично на судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На крајот од судењето, кога заврши испрашувањето на сведоците, а судијата со обвинителките и адвокатите договараа термин за следното рочиште, да се изјасни во врска со промената на изјавата побара Влатко Кешишев. Стана од обвинителското столче и рече ,,Изјавата не е моја,,-тивките зборови на обвинетиот силно оддекнаа во судницата. Кешишев појасни дека, додека се возеле во транспортното комбе, сами во задниот дел, Палевски му дал напишан лист и му наредил да го препише и да се потпише. Потоа писмото Кешишев им го дал на затворската полиција кои го доставиле до судот. Судијата Ивица Стефановски го праша Кешишев зошто го направил тоа, на обвинетиот му затрепери гласот: ,,Од страв,, Судијата му рече дека ако е изложен на опасност тој треба да знае, одлучи секој од обвинетите сам да се вози при затворскиот транспорт. Адвокатот на Кешишев, Игор Ефремов, рече дека неговиот клиент ја повлекува изјавата и оти доколку обвинителството цени, да го истражи случајот. На претходното рочиште судијата Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишев поднел писмена изјава доставена од затвор во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември лани не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски, кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.
На почетокот на ова судење, обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска за медиумите изјавија дека пишаната изјава на Влатко Кешишев, во која тврди дека Палчо не е убиецот на Вања и Панче, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.Обвинителството тврди дека има непобитни докази за првообвинетиот Палевски.
,, Изјавата на Кешишев нема доказна вредност, затоа што и тој и сите други обвинети на крајот од судската постапка ќе дадат своја одбрана која ќе биде подложена на прашања од сите страни и да се расчисти случајот. После вербалните докази, ќе бидат изведени и материјалните докази, преку кои ќе докажеме дека Палевски е сторител на делата“, изјави обвинитеклата Стојковиќ-Димитровска.
Судскиот процес е во финишот на испрашување на сведоци на предлог на обвинителството, за следното рочиште закажано на 16 декемви, судијата ја праша обвинителката дали ќе може да го обезбеди сведокот Гоце Трајковски кој заедно со неговата мајка Кираца, ги поврзале двете исчезнувања преку автомобилот цитроен на Панче Жежовски.
На ова судење пак, сведочеше началникот на Безбеден град, Мирче Мицевски, кој потврди дека на една од снимките, во возилото рено кангу, по киднапирањето на девојчето во 9.38 минути, се гледа профил на возач кој има брадиче и седа коса , на прашање на судијата, дали го гледа ликот во судницата ,сведокот покажа со рака и рече : ,,Да, личи на Љупчо Палевски Палчо,, Првообвинетиот кој има право да им поставува прашања на сведоците нервозно се обидуваше да го оспори исказот на сведокот, неговите адвокати приговараа на сведочењето.
Во своето сведочење Мицевски рече дека на 27-11-2023 на барање на велешката полиција поради исчезнато лице, на камерите го следеле цитроенот на Панче, возило кое истиот ден пак беше пронајдено запалено кај скопско Бразда. Цитроенот на камерите е лоциран три пати, на 24,25 и последно на 27 ноевмри, денот кога е киднапирана Вања. ,,За целото тоа време сеуште немавме поврзаност меѓу двете исчезнувања,, појасни сведокот. На денот кога е киднапирана Вања, цитроенот е фатен на камера во скопски Чаир во 6.30 минути, позади него на две минути се движи возилото рено. По 8 минути камера на Безбеден град го ,,фаќа,, цитроенот пред зградата на девојчето, се движи по улицата Партизански одреди, па по Рузвелтова, во правец на машинскиот факултет, се појавува кај хотелот Александар Палас. Токму кај хотелот ама сега како предница се движи кангуто кое има траекторија на движење Илинденска- Палас- Качанички пат. Сведокот рече дека токму камерите, ја однеле полицијата до седиштето на Десна каде било паркирано кангуто, а подоцна инспекторите го поврзаа и со случајот со Вања. На едно од претходните рочишта пак, сведокот началник за насилен криминал изјави дека камера го има снимено таткото Александар Ѓорчевски во 9.15 минути како вози покрај Палас кон Качанички пат, со намера да оди кон граница да ја бара Вања, но се вратил бидејќи имало гужва. Снимките клучни за Панче Жежовски, егзекутиран неколку дена пред втората жртва, 14 годишната Вања, ја одведе полицијата до Десна, каде според сведоците од СВР Скопје, го откриваат мистериозното исчезнување на девојчето. Кешишев ја носи полицијата до местото каде ја закопале Вања, а Велибор Манев до дупката од три метри во која е затрупано телото на Панче. Сведоците, полициски службеници потврдија дека обвинетиот Манев ги однел кај местото викано Кула близу велешката патарина, теренот бил непристапен, оделе по црн каллив пат до дупката покриена со гранки од дрвја. Еден од сведоците на барање на судијата во судницата го покажа со прстот Велибор Манев дека тој ги однел до местото на злосторството. Судењето продолжува на 16, со испрашување на последните сведоци на обвинителството. (П.А)