Постот на д-р Нико Беќаровски на неговиот Фејсбук предизвика бурна дискусија во јавноста, бидејќи од денеска, петок, но и во сабота, недела и вторник, повторно ќе има бесплатен јавен автобуски превоз за сите жени над 62 години и мажи над 64 години, без оглед дали се со статус пензионер или не. Од Комисијата за заразни болести не сaкаат да ја коментираат одлуката на Град Скопје. Портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ, за весникот ВЕЧЕР вели дека во моментов нема коментар. Епидемиологот д-р Александар Стојанов за весникот ВЕЧЕР вели дека ако се почитуваат мерките и се носат маски во автобусите, не би требало да се зголеми бројот на заразени. Пензионерите пред пандемијата, посочува д-р Стојанов, се возеа со автобус за да го отепаат денот, но се надевам дека сега нема да се злоупотреби и ќе се возат само ако има потреба

 

Дали враќањето на бесплатниот превоз за пензионерите е епидемиолошки исправен чекор или?.. се прашува професорот д-р Нико Беќаровски, којшто од неодамна е член и на Комисијата за заштита од заразни болести. Неговиот пост на Фејсбук предизвика бурна дискусија во јавноста, бидејќи од денеска, петок, но и во сабота, недела и вторник, јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен за сите жени над 62 години и мажи над 64 години, без оглед дали се со статус пензионер или не.
Како што веќе информираа од ЈСП, со ова олеснување на трошоците на граѓаните ќе бидат опфатени околу 80.000 корисници на јавниот превоз во Скопје. Бесплатно ќе се возат и средношколците и студентите од државните факултети, додека за приватните факултети, ова, како и досега, не важи.

Поголемиот број од граѓаните сметаат дека во моментов нема потреба од зголемување на бројот на патници во јавниот превоз, оти со тоа директно се загрозува здравјето и на пензионерите и на средношколците и студентите.

– Пензионерите, во услови на епидемија со ковид-19, веќе се навикнаа да се чуваат, практикуваат прошетка на отворено до блиските паркови, набавка на храна за дома и толку. Затоа оваа мерка мислам дека можеше уште малку да почека, оти уште бројката од околу 300 заразени на дневна основа е висока – вели еден пензионер од Скопје.

Друг, пак, смета дека со оваа мерка како да се сака за кратко време да се постигне колективен имунитет.

– Кумановци велат, к‘д е гага и киселина е блага – реагира друг пензионер и дополнува дека со ова како да сакаат да го растоварат и Пензискиот фонд.

Според него, ако пензионерите имаат секој ден бесплатно, нема да има гужва бидејќи нема да бидат ограничени со одредени денови, ќе одат само кога реално ќе имаат потреба.

– Ова е лоша услуга за пензионерите во определени денови да можат бесплатно да се возат – укажуваат граѓаните.

Бесплатниот превоз беше укинат кога стартуваше епидемијата со ковид-19, а сега повторно се воведува.– Воведувањето на бесплатниот превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање субвенции на ЈСП и средствата за оваа намена се обезбедени од буџетот на Град Скопје – вели Иван Илиевски, в.д. директор на ЈСП.

Од Комисијата за заразни болести не сакаат да ја коментираат одлуката на Град Скопје. Портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ, за весникот ВЕЧЕР вели дека во моментов нема коментар.

– Од позиција на портпарол, не можам да коментирам од причина што Комисијата не расправаше по таа одлука и затоа не можам да кажам кој е ставот на Комисијата – вели д-р Мехмедовиќ и дополнува дека на следниот состанок ќе биде разгледана и тогаш јавно ќе ги каже одговорот и ставот на Комисијата.

Епидемиологот д-р Александар Стојанов за весникот ВЕЧЕР вели дека ако се почитуваат мерките и се носат маски во автобусите, не би требало да се зголеми бројот на заразени. Но, според него, за жал, мерките не се почитуваат ниту во кафеаните, затоа најважно од сè за граѓаните е да се вакцинираат.

– Кога немаше вакцини, сите ги бараа, а кога дојдоа вакцините, не сакаат да се вакцинираат. Секоја мерка што ќе се донесе во земјава, за жал, не се почитува. Ризик фактор цело време се автобусите, пазарите, венчавките, крштавките… доколку не се почитуваат мерките, тие се опасност за зараза – вели д-р Стојанов.

Пензионерите пред пандемијата, посочува д-р Стојанов, се возеа со автобус за да го отепаат денот, но се надевам дека сега нема да се злоупотреби и ќе се возат само ако има потреба.

– Ако се согледаат податоците од другите земји, ќе се види дека секаде каде што се укинаа мерките, имаме зголемен број заразени. Во Словенија има 5.000 новозаболени, што кажува тоа, а, пак, во Косово еден месец немаше починат од вирусот, исто е чудно. Секоја земја различно ги дава податоците, но факт е дека каде што не се почитуваат мерките, расте бројот на заразени -објаснува д-р Стојанов.

Тој потсетува дека на почетокот на епидемијата и кога имаше сто заболени од вирусот се носеа мерки, а сега со 300 нови случаи се укинуваат мерки.Според него ова е нелогично, тој потсетува дека секогаш кога се пуштаа мерките растеше бројот на нови заразени лица.

-Олабавување на мерките е можно само ако имаме доволен број на вакцинирани, што не е случај во земјава-реагира д-р Стојанов и дополнува дека според него треба да се причека, зошто можеби догодина вирусот ќе биде само сезонски, како што е грипот и ќе има едно годишна вакцина за сите соеви.

Пропусти има што младите не се вакцинираа,а има и примери лекари не се вакцинирани.

-Добро е во моментов што опаѓа бројот на хоспитализирани и починати пациенти. Сигурно вакцинираните полесно ја поминуваат болеста- заклучува д-р Стојанов.

Тој посочи дека добро е што во моментов медицински лица одат и во селата за да се вакцинираат што поголем број на жители.
(В.Ма.)