Државниот пазарен инспекторат ќе ја користи лабораторијата за тестирање на квалитетот на течните горива на Бирото за метрологија, за што вчера директорите на овие две институции потпишаа договор за соработка. Со овој договор, Бирото за метрологија ја става својата лабораторија – мобилна и фиксна – во служба на инспекциските тимови

 

Се заоструваат инспекциските контроли на пазарот на нафтени деривати. Државниот пазарен инспекторат ќе ја користи лабораторијата за тестирање на квалитетот на течните горива на Бирото за метрологија, за што вчера директорите на овие две институции потпишаа договор за соработка.

– Со овој потег, државата праќа јасна порака: неквалитетните горива немаат место на македонскиот пазар. Потрошувачите добиваат квалитет и сигурност, додека институциите покажуваат дека се посветени на повисоки стандарди и на подобра заштита на јавниот интерес – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Во изминатите пет години, и покрај склучените договори за соработка, беа реализирани незначителен број анализи на течни горива, а со овој договор се предвидува драстично зголемување на обемот на инспекциските проверки. Инспекциските тимови ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање согласно со однапред дефинирани годишни планови, но и за вонредни инспекции.

– Според планот за 2025 година, кој е составен дел од договорот, ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди – истакна директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.

Со овој договор, Бирото за метрологија ја става својата лабораторија – мобилна и фиксна – во служба на инспекциските тимови.

– Лабораторијата е акредитирана за 26 методи на тестирање и ќе овозможи брзи и прецизни анализи на квалитетот на горивата директно на терен – истакна директорот на Бирото за метрологија, Седад Рушани.

Со користење на акредитираната лабораторија на Бирото за метрологија, инспекциските тимови ќе спроведуваат детални и брзи тестирања на терен, што ќе ја гарантира контролата на квалитетот.

ИЗДВОЕНИ