Зачинето со хумор, најдобри рецепти и со многу награди, секој работен ден во 16:30, на ТВ Канал 5, ова шоу што го водат популарните Ели и Максим стана омилено и токму поради учеството на омилените македонски поп и фолк-пејачи, кои и запејуваат за сето тоа да го оправда епитетот „полн погодок“!
(Дуле МИЌИЌ)
–
За многубројни кулинарски ТВ-шоуа знаеме дека се популарни насекаде низ светот, дека се доста гледани, но истото тоа, рака на срце, не го знаевме за македонското кулинарско ТВ-шоу „Манџа“, кое, еве, втора сезона успешно се емитува на фреквенцијата на ТВ Канал 5. И добро е што го дознаваме ова, подобро некогаш отколку никогаш. Нели?! Веруваме дека авторите и учесниците нема да ни забележат поради овој наш мал ненамерен „пропуст“. Токму затоа, за да се оправдаме, заминавме со нашата екипа од ВЕЧЕР таму, на самото место каде што секојдневно се снима мегапопуларната „Манџа“, како што е ова необично име на шоуто.
–
Едноставно вкусна кулинарска ТВ-емисија, која се емитува секој ден на ТВ Канал 5, во попладневниот термин (од 16:30) освојувајќи ги целите семејства.
Најмногу не само поради учесниците, кое се познати личности најчесто од кулинарството, но и од македонската поп и фолк-естрада, туку и поради харизматичните водители, одличната двојка, атрактивната новинарка Елена Романова-Петровска и актерот Кирил Трајковски-Максим. Тие ја водат „Манџа“ токму така: непосредно, забавно, примамливо, интересно и за очите и за ушите, ептен приемчиво.
–
Кога ќе почнеш да гледаш, едноставно се приковуваш до малиот екран и не трепкаш, не стануваш додека не заврши емисијата. Освен што има натпреварувачки карактер, учесниците освојуваат парични награди, а и внимателно се гледани од првите соседи, роднините, пријателите. Стануваат популарни, барани, дури и им прават нешто од вкусните натпреварувачки јадења, некоја од манџите поради кои и прстите ќе си ги излижат. Емисијата е отворена за секој што сака да се натпреварува, кој е голем љубител во готвењето, без разлика дали станува збор за жени или за мажи.
–
Пријавувањето е слободно (на 072-208-206), без ограничување, важно е да се има добра манџа, која добро ќе се вклопи во концепцијата на шоуто. И, секако, да се вклопи во духовитиот начин на водителите, за кои пак ќе кажеме дека се скоро без конкуренција. Особено, без некој да ни се налути, актерот Кирил (го знаеме најмногу од „Македонските приказни“), кој со своите „бесни глисти“, како што народски се вели, го зачинува шоуто токму така како да е со зачинето со разновиден зеленчук за супа, па гледачите (и учесниците) слатко се смеат. Полн погодок!
–
Впрочем, како и целата емисија, која е погодок за гледање и уживање во и онака здодевната програмска шема на поголемиот дел од македонските телевизии. Но, „Манџа“ е наедно и шанса да се научи нешто здраво од јадењата. Манџите што може потоа и сами дома да ги зготвите, да ве пофалат домашните дека навистина ве бидува во кујната. (Забрането е копирање на овие фотографии и нивното објавување на други Портали!)