Глобалната цена на сировото кафе сега е на „највисоко ниво на сите времиња“, а ќе продолжи да расте поради комбинацијата на проблематичните услови за производство на културата, пазарните сили, исцрпените резерви и најсмрдливото овошје во светот, предвидуваат аналитичарите.
Цената на сировото кафе на берзите во Лондон за сортата робуста и во Њујорк за сортата арабика порасна за дури 5 пати од јануари 2016 година до почетокот на септември годинава.
Сега, сите се свртени кон Бразил, каде што се очекува пролетната жетва, која зависи од дождовите од годинава. Бразил има проблеми со производството на кафе, поради климатските промени. Во 2021 година, необичен мраз ги уништи посевите на кафе во Бразил, најголемиот светски производител на арабика. Оттогаш купувачите се свртија кон Виетнам, Колумбија, Етиопија, Перу и Уганда, каде што се произведува сортата робуста, која вообичаено се користи во инстант мешавини.
Од Меѓународната организација за кафе информираат дека извозот на кафето робуста од Виетнам во јуни е преполовен во однос на јуни претходната година, а резервите на сортата се речиси исцрпени.
Ова е резултат на најтешката суша во последните речиси десет години, поради што Виетнамците го напуштаат производството на кафе и преоѓаат на производство на смрдливото жолто овошје дуријан, кое го извезуваат во Кина. Таму, уделот на виетнамскиот дуријан речиси се удвоил во 2023 и во 2024 година, а за Виетнамците е пет пати поисплатлив од кафето.
Извозниците на кафето робуста во Колумбија, Етиопија, Перу и во Уганда го зголемија извозот, но сè уште нема доволно кафе за да се надомести затегнатиот пазар.
Затоа цените на сировите робуста и арабика сега се на речиси рекордно високи нивоа, а тоа влијае и на цената на секоја шолја кафе.
Сите надежи сега се свртени кон претстојната пролетна жетва во Бразил, кој произведува една третина од светското кафе. Таа ќе биде „клучна“ за цените, но тоа зависи од дождот. Ако дождот пристигне доцна, и приносите на кафето ќе се намалат. Сето тоа ќе влијае и на цената на кафето.
Британските трговци со кафе очекуваат кафето во кафулињата да чини повеќе од 5 фунти, а во САД да чини и 7 долари.