„Катимерини“: Столтенберг преку писмо бара Скопје и Атина до 15 февруари да завршат со Договорот од Преспа

78

Во текстот под наслов „Скопје забрзува – не е исклучена можноста да го ратификуваат Договорот од Преспа до 10 јануари“, грчкиот весник „Катимерини“, ги анализира процесите предвидени со договорот, за можноста кај нас уставните измени да се изгласаат пред 15 јануари и повикувајќи се на свои извори објавува дека Столтенберг преку писмо побарал двете земји, обврските да ги завршат до 15 февруари, јави дописничката на МИА од Атина.

-Според добро информирани извори, НАТО посакува најбрз можен процес. Секако според истите извори, постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој бара завршување на процесите во целост и во двете престолнини до 15 февруари 2019, пишува весникот и објаснува дека барањето од НАТО за брзо завршување на процедурите се должи на изборниот циклус во кој влегува Грција.

Во анализата, грчкиот весник ја пренесува новогодишната порака на македонскиот премиер Зоран Заев, но и дел од ставовите на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во неделното интервју за МИА.

Во Грција во изминатиот период се појавија сценарија и шпекулации дека официјална Атина, би можела ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО да ја остави за по изборите, односно тоа да биде обврска за следната грчка влада.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во интервјуто за радиото „Њуз 247“, категорично ги демантираше овие информации.

Како што објави МИА минатиот четврток, грчки дипломатски кругови коментираа дека штом заврши уставната ревизија во Македонија, Договорот од Преспа веднаш ќе стигне во грчкиот Парламент, нешто што би можело да се случи дури и во текот на јануари. Додека пак во однос на ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО проценките се дека тоа би можело да се заврши најдоцна до мај за кога и се закажани локалните и евроизборите.