Македонската кошаркарска репрезентација со пораз ги стартуваше претквалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година, откако вечерва во „Јане Сандански“ загуби од Швајцарија со 62:67.

Избраниците на Драган Бајиќ лошо го стартуваше натпреварот и по само неколку минути гостите направија предност од 9:2 по што следуваше тајмаут. Веднаш потоа возвративме со иста емра и со 8:0 поведовме со 10:9. Но, потоа Швајцарците ја преземаа резултатската контрола и постојано беа во водство, во поголемиот дел и со двоцифрена разлика.

Во втората четвртина одигравме катастрофално во нападот и за десет минути успеавме да постигнеме само оум поени, над шест минути без кош, па на полувреме отидовме со негатива од десет поени (35:25). Сепак, Македонија се разбуди пред крајот на третиот дел и намали на минус четири (42:46). Но, Швајцарците веднаш ја вратија двоцифрената позитива и на крајот сосема заслужено и нанесоа нов пораз на Македонија.

Колку не ни одеше од рака на овој натпревар, надобро говори статистиката кога се во прашање слободните фрлања, каде нашата селекција од таа позиција шутираше 50% што е еднакво на катастрофа.

Најдобар поединец во нашиот состав беше Џејкоб Вајли со 15 поени и 13 скокови, еден поен повеќе постигна Адем Мекиќ, додека на спротивната страна прво име беше Џонатан Казади со 19 коша.

Македонија вториот меч од балонот во Скопје ќе го одигра во сабота против Словачка (19 часот), па во понеделник повторно ќе ги одмериме силите против Швајцарија, за на крај турнирот да го завршиме со вториот дуел со Словаците.