Кастекс: Нови ограничувачки мерки во 16 француски департмани

31

 Според денеска објавените податоци во Франција во последните 24 часа се регистрирани 34.998 нови случаи на заболени од коронавирус. Со ова, од почетокот на пандемијата официјално се регистрирани вкупно 4.181.607 заболени од Ковид -19.

Францускиот премиер, Жан Кастекс, вечерва најави нови ограничувачки мерки.

Веќе неколку дена француската јавност беше подготвувана за воведување на новите ограничувачки мерки, покрај Ница, Данкерк и Па де Кале, сега на ред се 16 департмани од регионот Ил де Франс (парискиот регион) и Горна Франција започнувајќи од петок на полноќ, во траење од четири седмици.

Во 16-те департмани основните училишта ќе останат отворени, додека средните ќе работат алтернативно со само 50 отсто од учениците.

Само продавниците за основни потреби (храна) ќе останат отворени, како и книжарниците и музичките продавници.

Французите во регионите каде има ограничувања ќе можат да излегуваат слободно, да практикуваат спорт без ограничување, но со потврда во реон од 10 километри од нивниот дом.

Полицискиот час место во 18 часот ќе почнува од 19 часот од сабота, барајќи од Французите да бидат претпазливи со приватните собири, а од дома ќе работат најмалку четири од петте работни дена.

Жан Кастекс, по одобрувањето на вакцината „АстраЗенека“, вечерва најави дека ќе се вакцинира со неа за да ги убеди Французите дека е безбедна. Целта е до средината на април да бидат вакцинирани 10 милиони Французи, до мај 20 милиони, а до јуни околу 30 милиони. До овој момент во земјата се вакцинирани 5,7 милиони лица.

Извор:МИА