КАРАКАМИШЕВА: Името на државата е право на самоопределување на граѓаните, а ограничувањето на македонскиот јазик е културен геноцид!

Ограничувањето на македонскиот јазик и карактеристиките на Македонците само на нивната административна територија што се протега во рамките на државата, претставува дискриминација и културен геноцид, затоа што не може една административна Влада да одредува кој јазик и кои обележја или одлики каде ќе се простираат во цивилизациска, историска, културна смисла и каде има такво наследство, вели за весникот ВЕЧЕР професорката по уставно право, д-р Тања Каракамишева-Јовановска, која до Уставниот суд поднесе барање   да го оспори Преспанскиот договор, а кое уставните судии треба да го разгледаат на утрешната седница

1056

„Јас имам лично и неприкосновено право да се нарекувам како сакам и да имам култура каква што сакам. Не сакам моите деца да учат историја напишана од Владата во Атина или во Софија, туку од историја што е напишана од научници историчари кои, преку оценка на објективни факти, ќе излезат со вистината. Јас, ниту моите деца, не сум должна да прифатам геноцидно ограничување од некоја туѓа влада, особено кога станува збор за цивилизација, историја и култура“. Ова е само еден од аргументите на професорката по уставно право, д-р Тања Каракамишева-Јовановска, за незиното барање Уставниот суд  да го оспори Преспанскиот договор, кое уставните судии треба да го разгледаат на утрешната седница.

Таа смета дека повредата на личните права била направена со потпишувањето на Спогодбата за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, склучена во Преспа (Нивици), Грција, на 17.6.2018, меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи Никола Димитров. Според Каракамишева, повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи.

За весникот ВЕЧЕР, професорката појаснува дека со конечната спогодба „се наметна ново национално и државно име, ни се забрани да имаме национално/државно име по сопствен избор и свој национален и личен идентитет каков што самите го чувствуваме и одлучуваме за него, што е спротивно на сите акти од меѓународното право и е спротивно на сите меѓународни и европски документи за човековите права“.

– Со Конечната спогодба, директно е повредено моето лично право на национален и личен идентитет да ја самоопределам мојата етничка/национална група во која сакам да припаѓам, повредено е моето право на лично и национално достоинство, личен и национален интегритет и чест како апсолутни, неотуѓиви права кои не смеат да бидат ограничени од никого, а најмалку од страна на властите на две држави. Името на државата е право на самоопределување на граѓаните на соодветната земја, односно мое лично право (чл.1 ст.2 од Повелбата на ОН).  Името на земјата не може да биде облигаторна обврска што се утврдува со спогодба со странска земја, наметната по преговори под уцена за прием во НАТО и во ЕУ – објаснува професорката Каракамишева.

Таа вели дека ограничувањето на македонскиот јазик и карактеристиките на Македонците само на нивната административна територија што се протега во рамките на државата, претставува дискриминација и културен геноцид, затоа што не може една административна Влада да одредува кој јазик и кои обележја или одлики каде ќе се простираат во цивилизациска, историска, културна смисла и каде има такво наследство.

– Просто е невозможно да прифатам дека во Р. Македонија може да има Албански театар, Турски народен театар, АЛ – САТ (албанска сателитска) телевизија, а да нема, односно да се укине и забрани моето право да имам Македонски театар, Македонска опера и балет, да гледам Македонска радио и телевизија. Не може да ми се укине правото на заштита да членувам и да имам активности со македонски културно-уметнички друштва кои имаат настапи во странство, финансирани од владини проекти за култура и сл. – додава Каракамишева.

Таа реагира и на поединечниот акт од Спогодбата за формирање „административен заеднички Комитет за историски, археолошки  и образовни прашања за објективно научно толкување на историски настани, кој ќе врши ревизија на учебници, помошни материјали, карти, историски атласи, наставни упатства, за да не содржат иредентистички ревизионистички упатувања, ќе поднесува годишни извештаи и препораки, кои треба да ги одобрува меѓувладиниот Совет за соработка на високо ниво, а работата ќе ја надгледуваат и министерствата за надворешни работи на двете влади, од кои едната странска”. За овој дел вели дека е цензура на слободата на „мојот говор, како и културен геноцид  на македонската историја кој ќе се случува при наметнатата промена на учебниците на моите деца од страна на странска влада под супервизија на грчкото МНР“.

– Имајќи предвид дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг е правосилна и е во полза на Р. Македонија, особено во делот дека „употребата на името Република Македонија не претставува иредентизам кон Грција” (ако велат дека има иредентизам, со тоа признаваат постоење на македонско малцинство со свои човекови права), сакам да констатирам дека позначаен материјален доказ дека иредентизам од македонска страна нема, ниту може да се најде. Оттука, целите на Спогодбата паѓаат во вода, бидејќи основот за нејзиното склучување бил токму „спречување на иредентизмот” што е неоснован и уште поголема причина за воведување цензура и насилна промена на македонската историја и учебниците што треба да ги учат нашите деца – вели Каракамишева.

Потсетува дека намерното наметнување животни услови воведени во интерес на целосно или делумно уништување на групата преставува геноцид – културен геноцид, или обид за геноцид, согласно со чл.2 ст.1 ц. од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН и преставува повреда на правото на самоопределување, на културен идентитет, слободна согласност и забрана за дискриминација од чл.1-6 од Декларацијата за правата на домородните луѓе на ОН. (Е.А.)