Кандидатите ги предадоа кандидатурите – ДИК на потег и трката може да почне!

311

На полноќ истече рокот за предавање на кандидатурите за изборите за претседател на државата кои ќе се одржат на 24 април. Вчера кандидатурите до ДИК ги предадоа тројца од седумтемина кандидати кои собраа потписи од граѓаните, Гордана Силјановска Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Билјана Ванковска, поддржана од Левица и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

Останата четворица кандидати кои собраа потписи од граѓаните поднесоа кандидатура до ДИК во понеделникот – актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Она што го одбележа претпоследниот ден од рокот за доставување на кандидатурите беше и тоа што неколку часа откако актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија, американскиот Стејт департмент соопшти дека поради вмешаноста во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и Јакимовски.

Државната изборна комисија на прашање на МИА дали тоа ќе влијае врз неговата кандидатура истакна дека условите за избор на претседател се содржани во Уставот, кој пак  предвидува кандидатот да биде државјанин на Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.

– Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, велат од ДИК.

Кандидатурите на седумтемина кандидати за шеф на државата треба да бидат потврдени од членовите на ДИК и тогаш тие и официјално ќе станат претседателски кандидати

Инаку собирањето на потребните 10 илјади потписи, кои се неопходни за кандидатите да добијат поддршка, заврши на 9 март и заклучно со овој ден, Стево Пендаровски имаше 22.411 потписи, неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова – 28.086, Бујар Османи – 11.085, Арбен Таравари– 10.710, Стевчо Јакимовски – 11.278, Максим Димитриевски – 11.605 и Билјана Ванковска – 10.528 потписи.

На листата што ја објави Државната изборна комисија имаше 15 кандидати, но осуммина од нив не успеаја да ги соберат потребните 10 илјади потписи за да добијат поддршка за кандидатурата.

А, за, две недели на 4 април, веќе и официјално почнува изборната кампања за претседателските избори и таа ќе трае до 22 април.

Изминативе деновиве пред официјалниот почеток на кампањата сите седум кандидати во јавноста ги претставија своите програмски заложби и тие се различни , но сите седуммина се со иста цел – да влезат во вториот круг на 8 мај.

Според аналитичарите но и досегашните анкети, најголеми шанси за Вила Водно засега имаат кандидатот на СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Според анкетата спроведена од Центарот за политички Истражувања и комуникации (CRPC), најголем број на испитаници се изјасниле дека на претстојните претседателски и парламентарни избори, би гласале за ВМРО-ДПМНЕ и за Гордана Силјановска-Давкова. Инаку, Силјановска само за потсетување во 2019, кога реално влета во политика во вториот круг освои неверојатни 377.000 гласа , а кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, тогаш – победи со само 58.000 гласа повеќе од неа или доби вкупно 430.000 гласови во вториот круг од гласањето.

Но, како што велат политичките аналитичари, изненадувањата во политиката се секогаш можни, иако малку веројатни.

Освен да освојат што повеќе гласови на своето конто, сите седуммина претседателски кандидати заедно имаат уште една цел да мобилизираат 40 проценти од избирачите со право на глас, што е услов изборите да успеат.

Во 1994-та на првите претседателски избори, гласаа рекордни 77 проценти од избирачите. Пет години подоцна излегоа 69 отсто гласачи. Кога на предвремените претседателски избори во 2004 гласаа само 53 проценти, беше јасно дека изборниот праг мора да се спушти. Во 2009 година, тој веќе беше 40 отсто и тоа се потврди како исправно. Пет години подоцна, тогашната власт, со претседателските одржа и парламентарни избори и така успеа да го мобилизира гласачкото тело, чиј процент на излезност изнесуваше 54 отсто. Но, последната изборна трка во 2019 година, кога излегоа малку над 46 проценти, ги натера политичарите да размислуваат за повторно намалување на изборниот праг.

Рекордот по број на освоени гласови во една претседателска трка го држи првиот претседател Киро Глигоров. За него гласаа 715 087 избирачи и не му требаше втор круг, за да го победи Љубиша Георгиевски, чиј резултат од освоени 197.109 гласови таа ’94 година во исто време е најслабиот во историјата на претседателските избори кај нас. Таа трка е и единствената досега, решена само во еден круг.