Таа беше жена која успеа да слика во време кога на жените им беше забрането. Освен тоа, таа беше монахиња која беше испратена во манастир од нејзините родители на возраст од 14 години за да избегнат да ѝ подготват мираз. Нејзиното заборавено ремек-дело, насловено „Тајната вечера“, неодамна е повторно откриено за јавноста. Името и е Плаутила Нели…

Кон крајот на минатата година, во Фиренца е промовирана реставрираната слика „Тајната вечера“ од времето на ренесансата. На прв поглед, уште едно ремек-дело во градот каде што уметнички бисери никнуваат од секој плочник и секој ѕид. Но, ако се погледне потписот, ќе се забележи нешто необично. Авторот е жена Плаутила Нели (1524-1588), современичка на Микеланџело, Тицијан и Тинторето.

Таа е родена во Фиренца, каде што неодамна е откриена нејзината најдобра и засега, единствена потпишана слика. Инаку, за време на нејзиниот живот таа била истакната сликарка, но во меѓувреме историјата ја заборавила. Кога пред 15 години, Американката Џејн Фортун, писателка и филантроп, ја посетила Италија случајно наишла на книга на еден пазар во која биле објавени научни трудови од една конференцијата посветена на Плаутила Нели. Jавноста првпат слушнала за оваа сликарка во 90-тите, кога проф. Џонатан Нелсон од универзитетот „Сиракјуз“ наишол на едно религиозно дело за Плаутила, напишано од друга калуѓерка. Во книгата пронајдена, пак, од Џејн Фортун, била спомената сликата на Нели „Оплакувањето на Исус“ од Музејот „Сан Марко“ во Фиренца. Кога Фортун отишла да ја погледне сликата била воодушевена.

Предност за жените уметници

Во 2009, Фортун ја основала организацијата „Предност за жените уметници“ (Advancing Women Artists) за да има можност да ги најде делата од Нели и други жени кои биле избришани од историјата на уметноста. Притоа Фортун проценила дека во подрумите, таваните и различните складишта на музеите и црквите во Фиренца има околу 1.500 цртежи, слики и скулптури од женски автори.

Така било откриено ремек-делото на Плаутила „Тајната вечера“, насликано во 60-тите години на 16 век, платно со димензии седум на два метра. По четири години реставрација, сега е изложено во музејот „Санта Марија Новела“ во Фиренца. Нели ја избрала сцената кога било откриено предавството на Јуда, веројатно имитирајќи ја динамиката меѓу ликовите на Леонардо во неговата славна слика на истата тема од манастирот „Санта Марија Деле Грација“ од 1495-98 во Милано. „Но, нејзината верзија е далеку поприземна и побогата од останатите слики на тема ‘Тајната вечера’. Јагнешкото и салатата се служат во најквалитетниот кинески порцелан, а на чаршавот на масата се видливи пеглани набори“, вели Линда Фалконе, директорка на АВА. Нели немала пристап до моделите во разните уметнички работилници, но сепак успеала да ги прикаже апостолите во природна големина со извонредно чувство на анатомски детали како што се мускулите и вените на рацете, кутикулите на прстите или брчките на челото.

Успешна и ценета за време на животот

Силвија Колучи, директорка на музејот „Санта Марија Новела“, вели дека Нели била „оставена да се заборави“, што е крајна спротивност со начинот на кој таа била прифатена за време на нејзиниот живот. „Била многу успешна, една од четирите жени кои ги споменува Џорџо Васари. Додека била жива, нејзините дела биле многу ценети и барани од богатите Фирентинци. Начинот на кој таа ги потпишувала своите слики – по нејзиното име додавала ‘Молете се за сликарката’- било важен чин на самодекларација затоа што го афирмирала нејзиниот статус на уметник“, вели Силвија Колучи. Уметницата е родена во јануари 1524 година како Пулисена Маргерита Нели. Во тоа време, околу половина од образованите девојчиња во градот биле испраќани во манастир за нивните родители да не плаќаат мираз. Таа била однесена во манастир како четиринаесетгодишна, а овој чин ќе ѝ ја отвори вратата за кариерата, дотогаш невидена за жена од 16 век. „Таа ниту учела од некој професионален сликар, ниту земала часови како уметник. Но, ги проучувала делата на отец Бартоломео, Андреа дел Сарто и Ањол Бронзин. Во суштина била самоука, што е неверојатно со оглед на квалитетот на нејзината работа“, ќе посочи Колучи.

Како жена, на Нели ѝ било забрането да ги продава своите слики, но нејзиниот манастир можел да го прави тоа, и тоа многу успешно. Сестра Плаутила добивала нарачки за дела со големи димензии од манастири и цркви сè до Перуџа. Како што ѝ растела славата, таа започнала и со школа за сликање во нејзиниот манастир. Токму оваа слика била нарачка од нејзиниот манастир „Света Катерина“ за ѕидот на трпезаријата. Плаутила почина во манастирот во 1588, а нејзината „Тајна вечера“ останала во трпезаријата до 19 век, кога манастирот се затворил. Се појавила во 1817 година на ѕидот на друга доминиканска зграда, манастирот „Санта Марија Новела“. Помалку од еден век подоцна, таа била скриена во магацин. „Била завиткана и заборавена. Запоставена речиси три децении, сè додека во 1930-тите кога била пронајдена, но во поплава од 1966 повторно била оштетена“, вели Колучи. „Историјата на уметноста не им припаѓа само на мажите. Наша должност е да се потсетиме и на женски протагонисти, меѓу кои и Плаутила Нели како една од најважните“, рекол градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела при откривањето, помовирањето на сликата. Тогаш ѝ оддал и чест на Џејн Фортун, која не успеала да доживее за да го види моментот за кој се борела и залагала толку напорно, бидејќи починала во септември 2018 година.